Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски во интервју за „360 степени“ најавува казни за оние што нема да ги примат попишувачите, без оглед од која причина. Тој е зачуден од поттикнувањата бојкот оценувајќи дека тоа го прават тие што не и посакуваат добро на државата.
-Тоа е нешто што навистина не можам да го разберам. Тоа се луѓе коишто очигледно не ѝ сакаат добро на сопствената држава и на сопствените граѓани. Не знам, јас со години укажувам, а и во принцип секаде во светот пописот е статистичка операција и таа е во интерес на сите граѓани. Значи, пописот не се прави ниту за Владата ниту за некоја политичка партија, се прави пред сѐ за граѓаните во државата, за оние што носат, креираат и спроведуваат одредени развојни политики, да имаат доволно елементи тие да бидат квалитетни политики, да не се базираат на некакви си паушални оценки, на интуиција или нешто слично, вели Симовски.