Бугарските здруженија нема потреба да бараат посебна графа на пописот, бидејќи таква графа веќе има, изјави директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.

Тој воедно истакна дека никој не може да добие формулар како се изјаснил бидејќи тоа се лични податоци и не смеат да се даваат јавно.

– Ниту еден граѓанин, ниту кај нас, ниту било каде во светот, не може да добие формулар како се изјаснил. Тоа се лични податоци и тие остануваат кај нас, не смеат да се даваат јавно. Ова е право кое постои откога постојат пописите и важи за сите земји во светот. Жал ми е што одредени држави, не е само бугарската, барале од нас и досега и во изминатите години, за оние лица кои аплицирале за нивно државјанство, да достават како се изјасниле. Никој ниту некогаш добил, ниту ќе добие, ниту има право да добие формулар, ниту пак ние смееме да дадеме ваков податок, потенцира Симовски.

Нагласи дека кога граѓанинот се изјаснува за својата припадност, не може да му се влијае на кој било начин затоа што графата е празна и со впишување на првите три букви се појавува сето она што како припадност го има во кодексот на шифри.