Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски е сигурен дека на многумина нема да им се бендисуваат резултатите од пописот, ама тоа не го интересира затоа што каков попис и да направите секогаш ќе има незадоволни.
Симововски вели дека нема никаков проблем ДЗС да го спроведе пописот затоа што сите подготовки течат навремено.
„Сигурен сум дека на многумина нема да им се бендисуваат резултатите од пописот, ама не ме интересира, ама буквално не ме интересира дали некој, а особено на политички субјекти дали им се бендисуваат податоците. Битната работа е да обезбедиме здрава основа за оние што сме тука и оние кои треба да го планираат развојот на оваа држава во позитивна, добра насока да имаат добра основа, тоа мора да го овозможи пописот“, изјави Симовски во инетрвју за Радио Слободна Европа.
Тој смета дека предлогот на опозицијата за земање отисок од прст на тие што ќе се попишуваат, не може да се прифати затоа што единствено МВР е овластена да прибира и користи отисок од прст.
„Тие се строго класифицирани податоци кои може да ги користи со посебни уредби, одобренија, на лична основа кој може да ги користи. Ние како институција немаме право да ги користиме тие податоци и не смееме да ги дадеме податоците од кое било статистичко истражување на друга институција“, објаснува тој.
Освен тоа, има лица што треба да се попишуваат а немаат отисок во МВР, како што се лицата надвор од државата, малолетни деца без лични документи, и странци кои се дел од пописот.
„Ние веќе имаме подготвено апликација за попис. Допрва ако вградуваме и отисок, мене ќе ми треба уште најмалку година дена да се работи таа апликација да и тој отисок влезе во шемата на таа апликација, што апсолутно нема шанси да го дозволам“, објаснува Симовски.
Тој стравува од спроведување на пописот во услови на пандемија, како и дека подготовките се базирале на состојбата од пред две-три недели.