Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски денеска ги повика граѓаните да не ги слушаат повиците за бојкот и неучество на пописот изборите, бидејќи, како што рече тие немаат за цел заштита на населението од пандемијата, туку целта им е да не се одржи оваа статистичка операција и државата наместо да оди напред да тоне во калта што е можно подлабоко. Пописот ќе биде безбеден, вели Симовски, бидејќи целосно и доследно ќе се почитуваат сите донесени протоколи.
Според него, се поинтензивна е негативната кампања во државата при што некои субјекти се обидуваат да ги демотивираат граѓаните да учествуваат во оваа статистичка операција.Тој ги повика сите граѓани да не ги слушаат ваквите повици бидејќи, како што рече, тоа пред се е акција која ќе треба да обезбеди податоци со кои ќе се креираат и спроведуваат политики за за иднината на граѓаните, а не на политичките субјекти.
-Сега овој момент се обраќам за прв пат вака ќе настапам директно до Македонците во нашата држава. Почитувани ова е држава каде можете слободно да се изјасните како Македонци. Пописот е единствената операција која го прибира овој податок, не ја пропуштајте таа можност. Почитувани останати граѓани на државата припадници на делови од повеќе народи кои живеат во оваа земја Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци и сите останати. Имате можност слободно и без притисок да се изјасните онака како мислите дека треба да се изјасните. Искоритете ја оваа можност, рече Симовски.
Тој апелира сите граѓани да ги заборават, како што рече, сите повици за бојкот, сите притисоци врз нив и влевањето страв дека со пописот некој дополнително ќе биде заболен од оваа болест.
-Ќе ги почитуваме донесените протоколи до точка и запирка. Никој од учесниците во пописот нема со ништо да придонесе епидемијата да се рашири. Знаеме дека се тешки состојбите и психолошки делува ова врз сите нас, и ние сме луѓе и го носиме со себе. Ве уверувам сите дека во тој дел треба да бидете безбедни. Еве се подобруваат и временските услови, секаде каке може попишувањето ќе се одвива на отворен простор, а онаму каде нема можност, ќе ги запазиме сите потребни мерки согласно протоклите, но и повеќе од тоа, рече директорот на ДЗС.
Според него, на оние кои повикуваат на бојкот, го користат овој чувствителен момент кај граѓаните и пропагираат за неучество заради пандемија, не им е целта заштита на населението. Целта им е, нагласи Симовски, да нема попис во оваа држава и таа да тоне во кал што е можно подлабоко, а не да оди напред.