Сега започнува патот кон заедничкиот европски дом, пат до кој како Италија сме подготвени да соработуваме и на билатерално ниво, преку иницијативи како оваа, кои ќе го олеснат запознавањето со нашиот општествено-политички систем, како и од другата страна, подлабоко разбирање на македонското општество, на неговиот длабоко вкоренет идентитет и неговата посебност, вклучително и историска и јазична, изјави италијанскиот амбасадор во земјава Андреа Силвестри.

Ова, Силвестри го изјави на денешното потпишување на Договорот за соработка и размена на информации меѓу Медиумската Информативна Агенција – МИА и италијанската АНСА. Потпис на договорот ставија директорите на МИА и АНСА, Драган Антоновски и Стефано Пиеро Карло Де Алесандри во присуство на амбасадорите од двете земји Весел Мемеди и Андреа Силвестри.

Италијанскиот амбасадор изрази задоволство што потпишувањето на овој договор се случува ден по историскиот почеток на преговорите за пристапување на Северна Македонија во Европската унија, процес што, како што додаде, отсекогаш бил силно поддржан од Италија, без никакво двоумење.

Според Силвестри, двете држави имаат потреба од доверливи вести, кредибилни вести, како што се оние коишто ги обезбедуваат АНСА и МИА.

Договорот меѓу МИА и АНСА предвидува меѓусебна испорака на вести и сервиси што претставуваат извори на новинарски информации.