Варшава е отворена за евентуално распоредување на германски трупи во Полска во обид да се обезбеди прекин на огнот во Украина, според полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски.

„Германските војници се стационирани во Полска со години како дел од разни мисии на НАТО“, рече Сикорски, заклучувајќи дека присуството на трупи на Бундесверот на полска територија нема да биде новост. Сикорски ја даде изјавата вчера по состанокот во Париз со неговите француски и германски колеги, Жан-Ноел Баро и Јохан Вадефул, одржан во рамките на форумот за дијалог на Вајмарскиот триаголник, регионален сојуз што ги поврзува Полска, Франција и Германија од 1991 година.

Според министерот, воената соработка меѓу Полска и Германија веќе е воспоставена. „За време на заедничка вежба пред неколку години, германски генерал командуваше со полска тенковска бригада, додека полски генерал водеше германска бригада“, рече Сикорски.

Министерот за надворешни работи, исто така, ѝ се заблагодари на Германија за минатогодишното распоредување на трупи што помогнаа во обезбедувањето на аеродромот во југоисточна Полска во близина на Жешов, клучен центар за воена и хуманитарна поддршка на Украина.

Завчера, германскиот канцелар Фридрих Мерц првпат ја спомена можноста Бундесверот да учествува во мировни операции, не во Украина, туку на територијата на НАТО во близина на границата. Сикорски објасни дека неколку земји, предводени од Франција, веќе презеле подготвителни чекори во Полска, во случај да се постигне прекин на огнот и да се воспостави мировна мисија во Украина.

Тој додаде дека деталното планирање на крајот ќе го води воениот штаб на вклучените земји. Германската влада соопшти дека разговорите во Париз се фокусирале на развивање силни безбедносни гаранции за Украина по прекинот на огнот и на придонесот на Европа кон долгорочната безбедност.

Текстот Сикорски: Варшава е отворена за распоредување германски трупи во Полска е превземен од МАКФАКС.