Во последните месеци, Русија ја нападна Украина со крстосувачка ракета 9M729, чиј таен развој го натера американскиот претседател Доналд Трамп да се откаже од договорот за контрола на нуклеарното оружје меѓу САД и Русија за време на неговиот прв мандат во Белата куќа, изјави украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.
Во писмена изјава за Ројтерс, Сибиха изјави дека употребата на ракети 9M729, забранети со Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (INF) против Украина во последните месеци го покажува непочитувањето на рускиот претседател Владимир Путин кон Соединетите Американски Држави и дипломатските напори на Трамп за прекин на војната во Украина, пренесуваат светските агенции.
Сибиха рече дека Киев ги поддржува мировните предлози на Трамп и дека Русија треба да се соочи со максимален притисок за да се согласи на мир.
Украина го повика Вашингтон да ѝ обезбеди ракети со долг дострел „Томахавк“, кои не се забранети со Договорот за INF, а Русија наведува дека ова би била опасна ескалација, потсетува Ројтерс.
Неименуван висок украински функционер изјави за Ројтерс дека Русија ја лансирала ракетата кон Украина 23 пати од август оваа година. Тој рече дека лансирањата започнале на 21 август, помалку од една недела по самитот Трамп-Путин во Алјаска. Изворот навел дека Украина забележала дека Русија двапати ја лансирала ракетата 9M729 во 2022 година.
Ракетата 9M729 ги натера САД да го напуштат Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (INF) во 2019 година. Вашингтон потоа објави дека развојот на таа ракета го прекршил договорот и дека може да лета далеку над границата од 500 километри, иако Русија го негираше тоа.
Ракетата, која може да носи нуклеарна или конвенционална боева глава, има дострел од 2.500 километри, според веб-страницата „Ракетна закана“ на Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон.
Воен извор рече дека ракетата 9M729, лансирана од Русија на 5 октомври, прелетала повеќе од 1.200 километри пред да погоди цел во Украина.
Во четвртокот, Трамп ѝ нареди на американската војска да продолжи со тестирањето на нуклеарно оружје, наведувајќи ги како причина „програмите за тестирање на други земји“.
Фото: принтскрин
Текстот Сибиха: Русија употреби ракета што го натера Трамп да го напушти нуклеарниот договор е превземен од МАКФАКС.
 
		