Американскиот претседател Доналд Трамп беше изненаден од воените потези на Израел во Газа и Сирија минатата недела, и во двата случаи итно го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да „ја поправи ситуацијата“, објави CNN.

Овие повици, според извори од администрацијата, го одразуваат сè повеќе затегнатиот однос меѓу двајцата лидери. Трамп беше особено разгневен од воздушниот напад на израелската војска врз единствената католичка црква во Газа минатиот четврток, во кој загинаа три лица. Веднаш потоа, тој го повика Нетанјаху и побара од израелската влада да издаде соопштение во кое признава дека нападот бил грешка, според медиумот.

Слично нешто се случи откако израелската армија изврши воздушни напади минатата недела врз владини згради во Дамаск, главниот град на Сирија, во време кога администрацијата на Трамп вложува напори за обнова на земјата разурната од војна.

„Претседателот има добри работни односи со Биби Нетанјаху и често комуницира, но тој беше изненаден од бомбардирањето во Сирија и нападот врз црквата во Газа“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, за новинарите во понеделникот.

Таа додаде дека „во двата случаи, претседателот веднаш го повикал премиерот за да ја поправи ситуацијата“. Ливит ја истакна улогата на американскиот државен секретар Марко Рубио, кој е задолжен за ублажување на тензиите во Сирија, каде што Трамп неодамна ги ублажи санкциите и му ја даде својата поддршка на новиот сириски претседател, Ахмед ал-Шара, поранешен бунтовнички лидер.

Иако Трамп и Нетанјаху се чини дека се цврсти сојузници, нивниот однос никогаш не бил особено близок. Луѓето запознаени со нивниот работен однос велат дека постои меѓусебна недоверба меѓу нив што повремено се прелева во јавноста, според написите.

„Трамп, според помошниците, со растечка загриженост ја следи тековната војна во Газа и зголемениот број цивилни жртви, вклучувајќи ги и оние убиени во црква минатата недела.

„Претседателот не сака да види ваков вид брутално насилство што се случува на Блискиот Исток предолго. Тој сака убиствата да престанат“, рече Ливит.

Таа додаде дека Белата куќа вложува значителни напори за да дозволи хуманитарна помош во Газа, дури и кога министрите за надворешни работи на 25 западни земји го осудија Израел за она што го нарекоа „капка по капка“ испорака на помош во Појасот. Министерството за здравство на Газа соопшти дека повеќе од 1.000 луѓе се убиени обидувајќи се да внесат помош во Појасот од крајот на мај.

„Претседателот Трамп е причината зошто воопшто се доставува помош во Газа“, рече Ливит. „Тој сака тоа да се направи мирно, без дополнителни жртви“. Таа заклучи: „Ова е многу тешка и сложена ситуација што претседателот ја наследи поради слабостите на претходната администрација. Мислам дека заслужува пофалби. Тој сака мир и беше многу јасен во врска со тоа“.

Фото: принтскрин

Текстот Си-ен-ен: Трамп е сè повеќе незадоволен од Нетанјаху е превземен од МАКФАКС.