Илегалните миграции и зголемената употреба на дрога се два сериозни глобални предизвика кои се поврзани со организираниот криминал, а мерките на Европската унија не се доволно ефикасни, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто за време на посетата на Јапонија, каде присуствуваше на 14. Конгрес на ОН посветен на превенција на криминалот и спроведување на правдата.

Сијарто истакна дека коронавирусот создаде нови глобални безбедносни предизвици, кои доколку не се решат навреме би можеле да предизвикаат дополнителни проблеми.

Тој нагласи дека илегалните премини на границите претставуваат безбедносна и културолошка закана за Европа и предизвикуваат здравствен ризик од брзо ширење на Ковид-19.

-Илегалните миграции им помагаат на организираните криминални банди, бидејќи мигрантите ги користат криумчарите, а понекогаш им помагаат и одделни невладини организации, оцени шефот на унгарската дипломатија. (МИА)