Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вели дека немала намера да употреби вето за да навреди некој јазик или нација, ниту, пак, се водела од партиски совети.

Таа рече дека за спорните членови 9 и 10 од Законот за заштита на децата ги информирала Владата и надлежните министри пред да го достави указот до Собранието и се водела од Уставот, Законот за македонски јазик и Законот за употреба на јазиците.

„Јас не сум законодавец, нема да предложам решение, не сум Уставен суд, значи нема да го оценувам преку ветото, само упатив повик уште еднаш да се разгледаат членовите 9 и 10 и да се размисли дали ваквиот начин на полагање и добивање на лиценца нема да внесе или да отвори простор за дискреционо овластување“, изјави Давкова одговарајќи на новинатско прашање, појаснувајќи дека во предложеното законско решение, формулацијата најмалку 20 проценти, не е како што е во Уставот и законите.

Давкова рече дека кога испитот се полага на албански јазик, не е спорно да се добие и лиценца на албански јазик, но во членовите има одредби што парламентарниот состав треба уште еднаш да ги прочита.

Од Владата претходно порачаа дека Законот за заштита на децата ќе биде доработен според забелешките на претседателката, па повторно вратен во собраниска процедура.

Законот за заштита на децата е првиот закон за кој Сиљановска го употреби правото на вето и не го потпиша указот. Спорни според нејзе се одредбите од законот кои предвидуваат двојазични лиценци во градинките, бидејќи како што стои во забелешките „начинот на употреба на македонскиот јазик и јазикот кој го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните“ се веќе уредени со Закон.

Текстот Сиљановска-Давкова за ветото: Јас не сум Уставен суд и нема да оценувам, упатив повик уште еднаш да се разгледаат членовите од Законот е превземен од МАКФАКС.