Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод Меѓународниот ден на белиот стап, се обрати на настан организиран од Државното средно училиште со ресурсен центар „Димитар Влахов“ – Скопје, посветен на подигањето на јавната свест за правата, можностите и придонесот на лицата со оштетен вид.
Сиљановска-Давкова истакна дека денешниот ден не е само симболично одбележување, туку е и потсетник дека вистинското слепило не е во очите, туку во нечувствителноста на срцата. За неа, тоа е повик до сите нас да ги отвориме очите и душата и да го видиме светот низ призмата на разбирање, почит и емпатија.
Таа укажа дека не треба да заборавиме дека белиот стап е симбол на достоинствен живот, но и на општествената обврска да создадеме градови и институции коишто ќе бидат пристапни, безбедни и пред сѐ, човечни.
Претседателката потсети дека во Советот за млади именувала лице со оштетен вид, што, според неа, испраќа порака дека секој млад човек, независно од животните околности, има право не само да биде слушнат, туку и активно да учествува во обликувањето на политиката и општеството во кое живее.
На настанот беа изведени музички и едукативни точки од ученици на ДСУРЦ „Димитар Влахов“- Скопје, одржана панел-дискусија посветена на значењето на белиот стап, презентирани лични искуства за ориентација и мобилност на сегашни и поранешни ученици и техники за користење на белиот стап.
Училиштето „Димитар Влахов“, како единствена институција од ваков вид во државата, повеќе од седум децении нуди едукација, рехабилитација и поддршка на ученици со оштетен вид.
Текстот Сиљановска-Давкова по повод Меѓународниот ден на белиот стап: Вистинското слепило не е во очите, туку во нечувствителноста на срцата е превземен од МАКФАКС.