Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се сретна со амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Амбасадорот ја запозна претседателката со планираните активности на Мисијата во 2025 година, посочувајќи ги, како приоритетни следните области: владеење на правото, основните човекови права и социјалната кохезија, доброто управување, младинските политики и родовата еднаквост.

Претседателката го информира за новоформираните тела: Советот за безбедност, Советот за млади, Комисијата за помилување и Комисијата за доделување одликувања и признанија. Објасни дека при номинацијата, најпрво се водела од компетентноста, стручноста и интегритетот, без да ги запостави правичната и соодветна застапеност, како и половата и родовата димензија.

Исто така, таа му ја презентираше нивната досегашна успешна работа и можноста за взаемна соработка за прашања во кои веќе сме соработувале, но и во нови области.

Соговорниците се согласија дека е добро, час поскоро, измените на Изборниот законик, согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија да се најдат на дневен ред на Собранието.

Исто така, претседателката и амбасадорот разменија ставови и се усогласија околу моделот и форматот на одбележувањето на „Осми Март – Денот на жената“.

Средбата заврши со изразена спремност за организирање заеднички активности.

Текстот Сиљановска-Давкова на средба со амбасадорот Килијан Вал: Час поскоро, измените на Изборниот законик да се најдат на дневен ред на Собранието е превземен од МАКФАКС.