Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска престојува во работна посета на Венеција, Италијанска Република, по повод учеството на одбележувањето на 35-годишнината од постоењето на Европската комисија за демократија преку право (Венецијанската комисија), советодавно тело на Советот на Европа.
Предвидено е Сиљановска-Давкова на 11-ти октомври да се обрати на свеченото одбележување на годишнината, кадешто, покрај останатите високи гости, е најавено присуството на претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела, и претседателката на Република Молдавија, Маја Санду. Настанот ќе биде проследен со отворање на изложбата на тема „Демократија преку право: од Република Серенисима до Венецијанската комисија на Советот на Европа“.
Претседателката ќе оствари средби со Генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, и со претседателот на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа, Марк Кулс.
Сиљановска-Давкова во периодот од 2008 до 2016 година беше македонски претставник во Венецијанската комисија.