Денеска во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се одржа конститутивна седница на новиот состав на Комисијата за помилување, откако Давкова донесе одлука за составот и за именување претседател и членови на комисијата.
За претседател на Комисијата за помилување е именувана д-р Милка Ристова, а за членови се именувани проф. д-р Оливер Бачановиќ, проф. д-р Александра Груевска Дракулевски, проф. д-р Блерта Ахмеди, проф. д-р Драгана Батиќ, проф. д-р Афет Мамути и м-р Доан Сулејманоски.
На првата седница на новиот состав на Комисијата за помилување присуствуваше претседателката Сиљановска Давкова, која на членовите на комисијата им посака успешна работа, изразувајќи уверување дека комисијата со својата работа, почитувајќи ги принципите за транспарентност и отчетност, праведност и еднаквост, хуманост и разбирање, ќе придонесе за јакнење на институционалната доверба, а одлуките ќе бидат пример за почитување на демократските вредности.
Претседателката истакнувајќи ги своите заложби за владеење на правото и почитување на човековите права, ја нагласи важноста на институтот помилување и потребата целата постапка да не биде предмет на дневнополитички препукувања.
Таа изрази очекување дека сите одлуки на комисијата ќе бидат во согласност со јавниот интерес и општествените вредности, а секој случај ќе се разгледува со најголема професионалност, во рамки на законски утврдена постапка.
Претходниот состав на Комисијата за помилување пред околу еден месец поднесе колективна оставка, откако помилувањата кои ги потпиша претседателката предизвикаа бројни реакции во јавноста. Одлуките за помилување на осуденици, претседателот на државата ја носи по препорака на Комисијата за помилување, која е постојано работно тело во служба на претседателот.