Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова и министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска се обратија на промоцијата на родовата самопроценка во одбраната и на Родовиот акциски план 2024 – 2028 година на Министерството за одбрана и Армијата каде заклучија дека постои видлив напредок и позитивен тренд во зголемувањето на жените во одбранбениот сектор.

Претседателката порача дека како врховна командантка на вооружените сили, кон родовите прашања во Армијата и во одбраната не се однесува само како набљудувачка, туку како актерка.

„Жалам што, за многу жени во одбраната, без оглед дали се дел од Министерството или од воените структури, вистинската борба не почнува во мисиите во коишто учествуваат и еднакво се жртвуваат, туку во нивните сопствени редови, како борба за еднакви услови за работа и за рамноправен статус, како борба за усогласување на професионалниот живот со семејните обврски, а за жал и борба понекогаш за еднакво вреднување на трудот и напредокот“, рече претседателката.

Таа додаде дека „промовирањето на родовата еднаквост според мене не подразбира давање предност, туку отстранување на пречките и овозможување еднаков третман за сите. Ние мора да го израмниме патот и да отвориме простор за извонредност, без оглед на тоа од каде таа доаѓа.“

Министерот Мисајловски родовата еднаквост ја нарече „цивилизациска вредност“ која „го сублимира сиот потенцијал и капацитет и создава синергија која ќе биде моторот за заеднички развој.“

„За нас приоритет е поголемата застапеност на жените во безбедносните структури, не само како бројка, туку како квалитет. Можеби најзначајниот чекор го направија македонските граѓани кои со изборот на првата врховна командантка на Армијата, претседателката Сиљановска – Давкова на оваа врвна државна позиција, покажаа дека се ослободени од стегите на тоа дали државата, а со тоа и вооружените сили на чело имаат маж или жена“, рече Мисајловски.

Министерот истакна дека со јакнење на механизмите за родова еднаквост, фокусирани на родовата обука на сите нивоа во Министерството и Армијата, го мултиплицираме нашиот потенцијал и носиме вистински решенија во подобрување на внатрешната структура, лидерството, кадровските политики, работните услови и инфраструктурата. Информираше дека во Министерството, на 52,3 проценти од раководните позиции се поставени жени.

Мисајловски потенцираше дека процентот на застапеност на жените мора да продолжи да се зголемува и додаде дека е цврсто убеден во тоа дека „еден човек може да се разликува единствено по посветеноста, професионалноста и личниот интегритет и ништо друго.“

На промоцијата се обратија и амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Јаим и заменик-директорката на DCAF – Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, Беатрис Годефра, кои ја истакнаа важноста на родовата еднаквост. Амбасадорката Ларсон Јаим им честиташе на сите вклучени во процесот за посветеноста и планирањето како работната средина да ја направат родово одговорна и попривлечна за мажите и за жените рамноправно да придонесат за лидерството, заштитата и безбедноста на земјата.

Заменик-директорката на DCAF, Годефра, пак изрази благодарност за соработката со Минситерството и порача дека „не може да има ниту значаен напредок, ниту одржлив развој без еднакво и суштинско учество на мажите и жените.“ Годефра истакна дека одбраната и Армијата имале „професионален и посветен пристап кон родовата самопроценка“ и дека „овој процес беше значајна можност за институционално размислување, заемно учење и градење доверба.“