Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја прими раководителката на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, Катерина Дрогрешка, која ја информираше за работата, активностите и проблемите на најстарата сеизмолошка опсерваторија во државава, основана во 1957 година.

Дрогрешка укажа дека опсерваторијата се наоѓа во драматична состојба заради недостиг на сеизмолошки инструменти и кадар, соочена со опасност од затворање на сеизмолошките станици добиени и користени во рамките на апликативен проект.

Со оглед на националното значење на Сеизмолошката опсерваторија, соговорничките ги разгледаа можностите за надминување на енормните проблеми.

За претседателката, стабилната и научно базирана сеизмолошка мрежа има стратешка важност во превенција, навременото информирање и заштита на населението од земјотреси. Таа ја истакна важноста за македонскиот образовен систем на едукативните програми и работилници организирани од опсерваторијата.

Двете се заложија за континуирано подигање на свеста за ризикот од земјотреси и за нужноста од институционална поддршка на научно-истражувачката и апликативната дејност во сеизмологијата./Макфакс

Текстот Сиљановска-Давкова – Дрогрешка: Сеизмолошката опсерваторија во драматична состојба заради недостиг на сеизмолошки инструменти и кадар е превземен од МАКФАКС.