Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, денеска го отфрли „огромниот притисок“ од Брисел да се даде приоритет на приемот на Украина во Европската унија (ЕУ), инсистирајќи на тоа дека Украина не може да стане членка пред земјите од Западен Балкан, јавува Анадолија.
Зборувајќи на прес-конференција со министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, Сијарто предупреди дека членството на Украина може да ја поткопа ЕУ, економски и безбедносно.
Тој ја отфрли идејата дека Украина е подобро подготвена за членство од земјите од Западен Балкан и таквите тврдења ги нарече „обична глупост“, според медиумот.
Сијарто посочи дека Унгарија останува еден од најсилните поборници за проширување на ЕУ кон Западен Балкан, тврдејќи дека интеграцијата на регионот ќе ја зајакне стабилноста, кредибилитетот и иднината на Европската унија.
„Идниот кредибилитет на ЕУ зависи од тоа дали конечно ќе успееме да го исполниме ветувањето за проширување кон нашите најблиски соседи“, рече тој, посочувајќи дека некои земји од Западен Балкан чекаат со децении и покрај исполнувањето на клучните услови.