Нападите врз нуклеарните централи во Украина се „неприфатливи“, а мирот е најдобра гаранција за нивно избегнување, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто по денешниот телефонски разговор со генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси.

Како што наведе, Гроси оценил дека иако нападот на централата во Чернобил со право предизвика загриженост во Унгарија, објектот може да издржи многу поголемо влијание.

„Затоа, ниту по инцидентот, ниту оттогаш нема закана од нуклеарна катастрофа. Сепак, се согласивме дека нападите врз нуклеарните централи се неприфатливи и дека нуклеарната безбедност мора да биде загарантирана“, напиша Сијарто на Фејсбук.

Сијарто, исто така, истакна дека двете страни силно ги поддржуваат напорите на САД за ставање крај на војната во Украина.

– Мирот е гаранција дека во иднина може да се избегнат провокации и напади врз нуклеарни постројки – нагласи шефот на унгарската дипломатија, пренесува МТИ.

Тој им се заблагодари на персоналот на МААЕ кој во воени услови ја гарантира безбедноста на украинските нуклеарни централи.