Унгарија не е против доброволните прилози на земјите од ЕУ во Европскиот мировен фонд за давање воена помош за Украина, но нема да учествува самата во собирањето средства, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Според него, на денешната средба на шефовите на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург се разговарало за предлогот на шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, таквите придонеси да бидат доброволни.
„Борел даде предлог да се даваат придонеси на доброволна основа. Токму на тоа повикуваме 2,5 години. Му реков на високиот претставник на ЕУ дека поддржуваме придонеси на доброволна основа. Така, Унгарија повеќе нема да биде виновна за недостиг на плаќања во фондот“, рече Сијарто на брифингот по средбата, пренесе ТВ М1.
Тој повтори дека Будимпешта не ги поддржува плановите на земјите од ЕУ да испратат воени советници во Украина.
„Ваквото сценарио се заканува со сериозна и опасна ескалација, а унгарската страна го смета за неприфатливо“, нагласи Сијарто, пренесува Танјуг.
Сијарто посочи дека е дојдено време да се води политика на мир наместо провоен пристап, сега кога во Брисел постои општо признание дека Украина е оптоварена со проблеми како што се ризикот од понатамошна ескалација, приближувањето на зимата и избегнување на санкции.
Тој потсети дека голем дел од украинската енергетска инфраструктура е уништена со наближувањето на зимата, додека сè повеќе европски компании избегнуваат санкции со помош на трети земји, а битките на линијата на фронтот се интензивирале.
Сијарто оцени дека „провоениот пристап“ кој се испробуваше „илјада дена“ не успеа и дека сега треба да му се даде шанса на „мировниот пристап“ да успее.
„Во меѓувреме, Брисел побара дополнителни испораки на оружје и нови казнени мерки. Дури и се залагаше за употреба на западно оружје против цели во Русија“, додаде тој и ги осуди оние кои мировните борци ги гледаат како закана.
„Некои тврдат дека не би било добро да се започнат мировни преговори сега кога на Украина не и оди добро. Па, ако на Украина не и оди добро, зарем тоа не го докажува она што ние го заговараме“, праша унгарскиот министер.
Запрашан да ги коментира неодамнешните забелешки на републиканскиот кандидат Доналд Трамп за ризикот од ескалација во Украина, тој рече дека поранешниот претседател е „апсолутно во право“ дека директната конфронтација меѓу НАТО и Русија „се зголемува од час и во минута“.
„Третата светска војна би можела да се спречи доколку на војната во Украина се стави крај. Затоа чекаме за неколку недели до американските претседателски избори, бидејќи мислиме дека победата на Трамп ќе резултира со промена на меѓународниот политички живот, тоа ќе донесе со себе поголема надеж за мир од кога било досега“, оцени Сијарто.
Тој нагласи дека во спротивно „ќе треба да се подготвиме за многу тежок период во Европа и Централна Европа“.