Покрај формалната, нужна е реална заштита на жените од насилство, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на јавната расправа за имплементацијата на Истанбулската конвенција, што ја одржа собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите.

Според неа, Извештајот на Државниот завод за ревизија дава прецизна дијагноза на реалните состојби и открива системски недостатоци во имплементацијата на Истанбулската конвенција.

Нејзини клучни препораки се: итно донесување на Националната стратегија 2026 – 2033; проширување на мрежата на засолништа; обезбедување долгорочна финансиска поддршка на жртвите; воведување стандарди во давањето на услугите од страна на социјалните центри; вработување на соодветен, стручен кадар и негова континуирана обука како и побрзо лиценцирање на СОС линиите. Според неа, програми за психосоцијален третман, треба да се спроведуваат не само со жртвите, туку и со сторителите.

Таа смета дека програмите за психосоцијален третман се потребни не само за жртвите, туку и за сторителите.

Претседателката укажа на потребата од јасни критериуми при распределбата на финансиите, врз основа на претходна анализа на трошоците.

Мора да се заостри казнената политика во однос на семејното насилство и фемицидот, истакна таа.

Сиљановска-Давкова предупреди дека жените остануваат незаштитени во критички момент како резултат на дисфункционалноста и некоординираноста на институциите. Заради тоа, фемицид расте, институционалната недоверба се продлабочува и се нарушува нашиот кредибилитет во исполнувањето на меѓународните обврски.

Укажувајќи на поразителната статистика на МВР за бројот на жртвите, учесниците во јавната расправа се заложија за системски промени насочени кон превенција на семејното насилство, како и соодветен одговор на кривичните дела врзани за насилството.

На седницата се обратија претседателката на Комисијата, Жаклина Пешевска, потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски и помошничката на главниот државен ревизор, Катерина Чалоска Алексовска.

Во дискусијата учествуваа претставници од државните институции на национално и локално ниво, на граѓанскиот сектор и меѓународните организации.

Текстот Сиљановска-Давкова: Системските недостатоци во имплементацијата на Истанбулската конвенција, бараат системски пристап во нивото отстранување е превземен од МАКФАКС.