По повод 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го посети Државното средно училиште со ресурсен центар „Партенија Зографски“ – Скопје, коешто годинава одбележува 70 години постоење.
На свечениот настан, што се одвиваше и на знаковен јазик, се обрати директорката на единственото средно училиште за ученици со оштетен слух и говор во Републиката, раскажувајќи ја долгата, богата и недовршена приказна за многуте генерации посветени професори и вредни ученици, чија желба за учење била крунисана со бројни награди, пехари и медали.
Еразмус акредитацијата многу кажува за успешноста на ова училиште.
Претседателката изрази огромна благодарност и среќа за можноста да го прослави важниот ден и јубилеј со учениците и нивните професори.
Таа посака повеќе вакви училишта, повикувајќи се на уставно утврдената задолжителност на средното образование и загарантираната еднаквост на граѓаните. Укажа на испитување на можноста, со помош на дигитализацијата и вештачката интелигенција, учениците со оштетен слух и говор да можат да се вклучат во редовните образовни институции.
Исто така, посочи на потребата од примена на начелото на афирмативна акција на оваа голема, но недоволно ангажирана категорија луѓе во државната и јавна администрација, образованието, здравството, културата и другите области, заради нивната општествена интеграција, но и придонес во општестевениот развој.
Ученичката претстава покажа дека знаковниот јазик и јазикот на телото, се подеднакво моќни како говорот да го изразат уметничкиот дух и актерска креативност на учениците.
Посетата на ликовната, машинската и текстилната соба/работилница, ни овозможи да влеземе во светот на учениците и наставниците, чиј плод се прекрасни цртежи, практични предмети, интересни фустани, а мултисензорската соба е најпосакуваното место за мир, медитација и имагинација.
Незаборавен ден во „Партенија Зографски“!
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.
Размислував деновиве за 3 декември и за лицата со посебни потреби, некако пологично ми звучи оваа синтагма одошто онаа „лица со попречености”. Знам дека 70 години се долг период, а успесите на ова училиште се извонредни не само во спортот и во уметноста, туку и во многу други области. Некои од вас веќе запознав. Восхитена сум од успесите.
Она што ме загрижува е дека овде имате можност да се едуцирате во две струки: машинската и текстилната. Имам дилема: дали се доволни само овие две области или треба да се отвори простор и за други? Како професорка знам дека студентите сакаат поголем избор, повеќе алтернативи.
Размислувам, со помош на дигитализацијата и вештачката интелигенција дали во иднина и во редовните средни училишта не може да се вклучат учениците со оштетен слух и говор.
Можеби со поголем интерес за знаковниот јазик, полесно ќе се урнат вештачките бариерите? Не го зборувам ова напамет и попусто, оти помнам колкав беше интересот за изучување на знаковниот јазик во Собранието, меѓу пратениците. Значи, мора да се зголеми употребата на знаковниот јазик, а за тоа ни се потребни повеќе експерти, односно преведувачи на знаковен јазик.
Се разбира, малку е едно средно училиште за лица со оштетен слух и говор. Ова важи и за ученичкиот дом во кој живеат учениците од внатрешноста.
Сакам да кажам како гледам јас на „попреченоста“. За мене, таа е само различност. Зошто? Сум слушала и сум запознала луѓе, кои достигнале врвни успеси во различни професии. Вчера, ги видов меѓу наградените. Учењето и творењето треба да се адаптираат на специфичните потреби, за да се откријат и стимулирааат најдобрите.
Можеби треба да го следиме примерот на некои држави, како Финска, со успешни модели на образование, иако и таму се најавува образовна реформа. Финското образование важи за индивидуализирано, односно се адаптира на потребите и афинитетите на ученикот. Тоа е скапо за сиромашна земја, но претставува добра инвестиција.
На примерот на млади луѓе со специфични потреби, кои заминале во странство, каде условите за нивна работа биле далеку попријателски, гледаме дека расцветале. Ова важи и за многу ваши ученици.
Значи, амбиентот може да спречи, или да овозможи да дојде до израз она ,,посебното” што го има секој од вас, а обврската и одговорноста за тоа е на државата.
Како учителка, особено сум љубопитна да го разгледам просторот во којшто учите.
Наставниците мора да ги препознаат и идентификуваат вашите таленти, вашите посебности. Сите ги имаме и ако го препознаеме специфичното кај вас, може да го стимулираме и развиваме.
По претставата на ЕУРЕКА во која учествуваа не само врвни танчарки и танчари, туку и лица со посебни потреби, сфатив дека ништо не е невозможно за никој. Марко, кому му ја врачив наградата е еден од оние кои докажуваат дека храброста, вербата во себе и решеноста да се достигне некоја навидум недостижна цел од неможното прават можно.
Посакувам сите заедно да ги согледаме проблемите со коишто се соочувате, но и да ги решаваме, оти не се доволни убавите зборови, туку потребни се добри дела.
Текстот Сиљановска-Давкова на Меѓународниот ден на лицата со попреченост во посета на училишнот ресурсен центар „Партенија Зографски“ е превземен од МАКФАКС.























