Шведска годинава ќе воведе систем за алармирање преку мобилен телефон за да го предупреди населението за воздушни напади во воено време, инспириран од сличен систем во Украина, соопшти агенцијата задолжена за проектот.
Шведска веќе има надворешен систем за алармирање, кој се состои од околу 4.500 сирени инсталирани на покриви и други високи згради.
„Врз основа на искуствата што ги видовме во Украина, откривме дека непријателот, во овој случај Русија, би го уништил нашиот надворешен систем за алармирање“, изјави за АФП Хенрик Ларсон, раководител на Одделот за цивилна заштита во Шведската агенција за цивилни непредвидени ситуации.
Новиот систем, наречен SE Alert, „затоа би послужил како дополнување на постојниот“, додаде тој.
Во случај на воздушен напад, мобилните телефони поврзани со шведската телекомуникациска мрежа автоматски би емитувале гласовни предупредувања, аларми и би почнале да вибрираат, објасни тој.
Системот, кој ќе биде имплементиран во рок од шест месеци, би можел да се користи и за испраќање аларми во случај на голема криза во мирно време, како што се нуклеарни или хемиски несреќи.
Агенцијата, исто така, соработува со шведската војска за развој на апликација што ќе им овозможи на граѓаните лесно да фотографираат беспилотни летала и да ги пријавуваат кај властите“, рече Ларсон.
Шведска ги зајакнува мерките за цивилна подготвеност и „сеопфатната одбрана“ од руска инвазија на Украина во 2022 година.
Целта е да се мобилизира целото општество, од владата до компаниите и граѓаните, за колективен отпор кон вооружената агресија, а во исто време да се одржи функционирањето на клучните социјални услуги.
Текстот Шведска воведува мобилен систем за предупредување од воздушен напад е превземен од МАКФАКС.























