Шведска е сè поблиску до вонредни парламентарни избори по безуспешните обиди на политичките блокови од левиот и десниот центар да формираат влада.
На премиерот Стефан Левен му преостанува до крајот на денот да поднесе оставка или да распише избори.
На Левен не му беше изгласана доверба во парламентот на 21 јуни откако партијата Левица ја повлече својата поддршка.
По изгласувањето недоверба на Левен почнаа хаотичните преговори за време на кои партиските блокови од левиот и десниот центар се обидуваа да ја добијат поддршката потребна за формирање влада, пренесува Ројтерс.
„Одлука која ќе ја разниша шведската политика“, пишува дневниот весник Дагенс нихетер на насловната страна за дилемата на премиерот Левен.
Левен е поранешен заварувач во фабрика кој од 2018 година е на чело на кревката малцинска коалиција со Зелените, а зависеше од поддршката на две мали партии од десниот центар и од партијата Левица за да ја зачува власта.