Мнозинството гласачи во Швајцарија го поддржаа преминот кон автоматски систем за донирање органи, освен во случаите кога потенцијалниот донатор експлицитно се изјаснил против тоа пред неговата смрт, покажуваат излезните анкети по денешниот референдум.
Околу 59 отсто од гласачите ја поддржаа промената, покажува анкетата на Институтот за испитување на јавното мислење gfs.bern.
Промената на законот би значела дека пациентите кои имаат потреба ќе ги добијат органите многу побрзо бидејќи сите луѓе ќе се сметаат за донатори на органи, освен ако потенцијалниот донатор се изјаснил против тоа пред неговата смрт.
Во моментов е во сила закон кој бара од швајцарските граѓани да одлучат дали ќе станат донатори, но Владата води кампања за промена која ќе им овозможи на сериозно болните пациенти да добиваат донирани органи без долго чекање.
Второто референдумско прашање е дали Швајцарија ќе го зголеми финансирањето на Фронтекс, агенцијата за заштита на границите на Европската унија. Швајцарија е членка на Шенген зоната, каде што се укинати граничните контроли, но Владата предупредува дека членството на Швајцарија може да биде загрозено без поголеми придонеси.
Според првичните анкети, околу 72 отсто од гласачите поддржуваат зголемување на финансирањето на Фронтекс.
Третото прашање се однесува на измена на законот за филм, со кој се бара од радиодифузерите и давателите на стриминг услуги да инвестираат четири отсто од своите приходи во швајцарската филмска продукција. Стриминг компаниите треба да понудат и најмалку 30 проценти од европските филмови или серии, како што е случајот во Европската унија.
Околу 72 отсто од гласачите го поддржаа предлогот, според излезната анкета.
Повеќе од 90 отсто од швајцарските гласачи главно гласаат по пошта.