На денешниот состанок на претставниците на Министерството за животна средина и просторно планирање, Европската банка за обнова и развој и дел од општините во државата беа презентирани можни решенија за енергетска ефикасност за 13 прочистителни станици за отпадна вода во Северна Македонија.
Како што информираат од министерството можните решенија биле изработени во рамки на Студијата за пред-изводливост финансирана од ЕБОР.
-Изградба и функционирање на прочистителните станици се обврска. Не треба да размислуваме дека нивното одржување значи значителен трошок, туку мора да размислуваме како нивната работа да биде поефикасна и како да ги намалиме трошоците“, истакна министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова во поздравното обраќање. При тоа таа изрази задоволство од пројавениот интерес и заложба и од страна на општините, потенцирајќи дека за овие процеси да бидат добри мора да се градат партнерства и да се работи заеднички, се наведува во соопштението.
Шукова, нагласила дека МЖСПП веќе има формирано тим кој што е посветен на оваа иницијатива.
-Започнат е процес на изнаоѓање на енергетски ефикасни решенија за подобрување на оперативните трошоци и работењето на прочистителните станици за отпадни води во Северна Македонија, при што беше ангажиран независен консултантски тим, финансиран од ЕБОР. Тимот имаше задача да ги истражи и идентификува потенцијалните можности за користење на енергетски ефикасни решенија и обновливи енергетски системи на 13 прочистителни станици за отпадни води во Северна Македонија, при што се изготви предфизибилити студија и финален извештај, според кој со примена на енергетски ефикасни мерки и имплементација на адекватни обновливи енергетски системи, вклучувајќи и дополнителна оптимизација и модернизација на процесот, постои вкупен потенцијал за заштеда на енергија повеќе од 9.400 MWh годишно и намалување на емисиите на СО2 повеќе од 16.000 тони годишно, информираат оттаму.
За таа цел, на состанокот експертскиот тим на ЕБОР ги презентирал добиените резултати од изработената предфизибилити студијата и идентификуваните предлог мерки за унапредување на ефикасноста на функционирањето на ПСОВ во Република Северна Македонија.
Присутните претставници од Општините/Коминалните пртпријатија од Прилеп, Кочани, Македонски Брод, ЈП Колекторски систем Скопје (надлежен за Охрид и Струга), Струмица, Гевгелија, Дојран, Куманово, Ресен, Радовиш и Берово имале свои излагања за моменталната состојба на работењето на прочистителните станици, проблемите и предизвиците со кои секојдневно се соочуваат, како и предлог мерки и начини за надминување и унапредување на работењето.