Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, истакна дека во рамки на нејзината програма, приоритет ќе има имплементацијата на БРТ-системот, за што веќе постојат готов проект, документација и обезбедени финансиски средства, се наведува во денешното соопштение на партијата.
– Првата БРТ-линија ќе се протега од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, во должина од 13 километри. Ќе има 21 нова постојка и околу 30 нови автобуси што ќе сообраќаат на секои 5 до 6 минути и ќе можат да превезуваат до 65.000 патници дневно, се наведува во писмената изјава на Шукова.
Таа додава дека линијата може да биде завршена до крајот на 2027 или почетокот на 2028 година, со што Скопје ќе добие модерен, еколошки и ефикасен систем на јавен превоз.
Паралелно со првата линија, како што се потенцира, ќе се изработува и ново решение за север-југ траса, со што ќе се поврзат сите делови на градот.
– Со двете линии ќе добиеме брз, чист и функционален јавен превоз. Предвидена е и набавка на нови еколошки автобуси, по можност на гас, како и изградба на нови пешачки и велосипедски патеки, најавува Шукова, додавајќи дека овие активности се дел од планот за Скопје како зелен и модерен европски град.
Според Шукова, нејзината програма се издвојува по тоа што нуди реални и веднаш спроведливи решенија за клучните проблеми со што се соочува главниот град.
– Во програмата предвидуваме краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки, затоа што на Скопје му е потребен континуитет и враќање на изгубените функции, истакнува Шукова.
Таа посочува дека меѓу брзите и реални мерки се бесплатните услуги за чистење оџаци за домаќинствата, со што ќе се намали загадувањето на воздухот.
– Граѓаните денес не добиваат соодветна услуга за она што го плаќаат, нема редовно собирање отпад, има проблеми со водоснабдувањето и канализацијата, а пречистителната станица доцни повеќе од две години. Заради неисполнување на обврските, државата веќе 15 месеци плаќа над 100 илјади евра месечно камати кон изведувачите, се додава во соопштението.
Шукова нагласува дека целта на нејзината програма е брзо враќање на функционалноста на системите и подобрување на услугите за граѓаните, за тие повторно да добијат ефикасен и современ градски сервис.
Текстот Шукова: Приоритет ќе биде имплементацијата на БРТ-системот, за што веќе постои проект е превземен од МАКФАКС.