Шукова јавно ја претстави својата програма за Град Скопје, ставајќи акцент на реални и одржливи решенија што ќе го вратат градот на патот на вистинскиот урбан развој. Нејзината визија не е декларативна, туку заснована на анализи, конкретни рокови и планови за реализација – со цел Скопје да добие модерен, функционален и ефикасен градски систем кој граѓаните одамна го заслужуваат.

„Во текот на изминатите недели, во мојата програма за Град Скопје јавно и транспарентно ги претставив проектите и визијата што го враќаат нашиот град на патот на вистинскиот урбан развој. Еден од клучните проекти е враќањето и модернизацијата на БРТ системот брз, ефикасен и одржлив јавен превоз, којшто Скопје одамна го заслужува.

Синоќа, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го најави токму истиот проект како дел од програмата на мојот политички противкандидат Орце Ѓорѓиевски.
Оние што четири години го блокираа БРТ денес го нудат како свое решение. Тоа не е визија. Тоа е лицемерие.

И додека тие се обидуваат да рециклираат идеи кои до вчера ги саботираа, скопјани добро знаат кому можат да му веруваат. Јас стојам зад секој проект што сме го понудиле со анализа, рокови и план за реализација.
Добро е што конечно ВМРО-ДПМНЕ разбираат дека Скопје има потреба од реални решенија. Но граѓаните нема да заборават кој ги кочеше проектите.

Идеите може да се копираат, но капацитетот, кредибилитетот и чесноста не се копираат. Скопје не смее да стане заложник на предизборни пресвртни лаги. Скопје заслужува лидер со визија, а не маркетиншки кампањи без покритие.“