Кандидатката за градоначалничка на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, денес, од Аеродром, на скопјани им вети бесплатни филтри за оџаците на домаќинствата што не се греат на градското парно. Рече дека тоа е добра и сериозна мерка, за која, пак, минатата недела зборуваше и премиерот Христијан Мицкоски. Тој најави дека сака со бесплатни филтри за оџаците на домаќинствата да ги пресретне активистите, кои, кога ќе почне грејната сезона и загадувањето, ќе бараат мерки за почист воздух. Шукова, која е поранешна министерка за животна средина, рече дека половина од загадувањето во Скопје доаѓа од домаќинствата.
„Сметам дека треба да почнеме сериозна работа со домаќинствата. Според сите анализи, 50 отсто од загадувањето во Скопје доаѓа од домаќинствата и мора да им се помогне. Предвидовме неколку мерки во програмата, за тоа ќе говорам наредните денови. Предвидовме бесплатни филтри за оџаците на домаќинствата. Ова е пракса што е спроведена во многу европски градови и покажува резултати. Секоја година по пет до десет илјади домаќинства, односно на нивните оџаци, од каде што излегуваат голем дел од ПМ-честичките, да се постават филтри што ќе ги задржуваат честичките. Мислам дека тоа е добра и сериозна мерка, која ќе го намали загадувањето на Скопје“, најави Шукова.
И премиерот Мицкоски мината недела најави субвенции за иста бројка домаќинства, од пет до десет илјади, за набавка на филтри за оџаците. За да почне субвенционирањето уште оваа сезона, премиерот Мицкоски рече дека треба да се провери што дозволува законот, со оглед на изборите што се поклопуваат со почетокот на грејната сезона.
Шукова денес од Аеродром најави и 15 нови паркови за 15 месеци, со кои ќе формира зелен појас околу Скопје, кој очекува да влијае и на намалувањето за загадувањето, најави и крематориум за домашни миленици, поголема грижа за уличните кучиња и зајакнат мониторинг на загадувачите од општинските инспектори.
Текстот Шукова од Аеродром им го вети на скопјани она што премиерот Мицкоски го најави минатата недела: бесплатни филтри на оџаците се добра и сериозна мерка е превземен од МАКФАКС.