Потребата од прогласување на планината Јабланица за национален парк е приоритет и е неопходна за заштита на животната средина во регионот. Тоа бил заклучокот на денешната средба во Струга на министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова со градоначалникот Рамиз Мерко, претставници од месните заедници на селата кои гравитираат околу Јабланица и еколошки здруженија.
Целта на средбата, како што соопшти Општина Струга, е отпочнување постапка за прогласување на Јабланица за заштитено подрачје, односно за Национален парк.
– Планината Јабланица е исклучително важен природен ресурс, кој има потреба од највисоко ниво на заштита и зачувување, но истовремено нагласувајќи дека во овој процес мора да се земат предвид сите начела на одржливиот развој, како од еколошки, така и од социо-економски аспект, стои во информацијата.
На средбата, како што е наведено, биле посочени процедурите што треба да ги реализираат Локалната самоуправа и ресорното Министерство со поддршка на еколошките здруженија вклучени во процесот.