Вечерва, во легендарниот IFC Center во Њујорк, ќе се одржи американската премиера на документарниот филм „Приказната за Силјан“ (The Tale of Silyan) на Тамара Котевска. Публиката на Менхетн ќе има можност да го доживее ова ремек-дело од филм што веќе почна глобално да освојува, буди љубопитност кај критичарите, а раскажува една оригинална македонска приказна за штркот Силјан.

Веднаш по проекцијата, ќе следува разговор со публиката, на кој ќе учествуваат Тамара Котевска (режисер и продуцент) и Jean Dakar (кинематографер и продуцент). Ова е можност американските гледачи одблиску да ја чујат приказната директно од авторите за создавањето на филмот и за неверојатниот однос меѓу човекот и штркот, кој го инспирира целиот проект.

Филмот ја почна својата светска авантура во Венеција, каде што ја освои престижната награда Cinema & Arts Award на Venice Film Festival. Тоа беше првиот силен сигнал дека „Силјан“ ќе го освои вниманието на документарниот свет. Следувааа значајни награди и номинации од релевантни филмски фестивали: NY Doc, IDA (International Documentary Awards), Bergen, Cinema Eye Honors, Coronado Island Film Festival Калифорнија и ред други.

Но најголемиот доказ за вредноста на овој филм воопшто е откупувањето на правата од страна на „Нешнал џеографик“ (National Geographic Documentary Films).

Овој филм е наш кандидат за „Оскар“ за категоријата најдобар странски филм, а токму „Нешнал џеографик“ го пријавува овој филм за трката за „Оскар“ во категоријата најдобар документарен филм. Со самото пласирање во двојна оскаровска трка повторно имаме шанса за двојна номинација за „Оскар“ поради Тамара Котевска.

Вечерашната американска премиера во IFC Center е моментот кога филмот се среќава со американската публика, критичарите и фестивалските селектори. Се очекува голем интерес и од македонската заедница во Њујорк, која го следи успешниот лет на „Силјан“.

Приказната за Силјан, човекот и штркот што создадоа нешто многу поголемо од случајна средба, вечерва го почнува својот најзначаен лет во САД.

Текстот Штркот Силјан вечерва ќе слета на Менхетн е превземен од МАКФАКС.