Се повеќе граѓани плаќаат електронски и тоа најчесто преку мобилен телефон. Подигањето готовина од банкоматите се зголемува, а користењето на банкарските шалтери се намалува. Се зголемува и интересот за електронски увид во сметките. Но, дигитализацијата која има многу предности и удобности, носи и ризици. Еден од нив се кибер нападите кои бележат континуиран раст и стануваат се покомплексни и посилни. Се проценува дека на дневна основа има преку 2 200 кибер напади или еден на секои 39 секунди, а финансиската индустрија останува прва на листата по бројот на кибер нападите. Според некои анализи, кибер нападите оваа година ќе ја чинат глобалната економија 9,5 трилиони американски долари, а во наредните две години загубата би се зголемувала со стапка на раст од 15 проценти.

Ова беше истакнато на денешната работилница што ја организира Народната банка за медиумите.

Како што рече гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, осврнувајќи се на дигитализацијата во банкарскиот сектор и банкарските услуги, иако истражувањата покажуваат дека во малопродажбата доминанта улога се уште има плаќањето во кеш (со готовина), евидентен е голем раст на безготовинските плаќања. Овие трендови особено дојдоа до израз за време на КОВИД-пандемијата, но и натаму продолжуваат.

-Бројот на безготовинските платежни трансакции лани бележи зголемување за 16 отсто и изнесува 87 трансакции по глава на жител. Граѓаните се почесто ги употребуваат мобилните апликации за извршување на плаќањата кои бележат раст од 22 отсто кај бројот и 30 проценти кај нивната вредност. Едно анкетно истражување покажува дека 84 проценти од испитаниците преферираат брз, едноставен начин на плаќање, нагласи гувернерката.

Според Европската централна банка, 73 отсто од малопродажните плаќања во рамки на ЕУ се уште се во кеш.

-Процентот на лица кои извршиле или примиле дигитални плаќања во последната декада се зголемил од 44 на 64 отсто. Годишните електронски трансакции по глава на жител за 2022 година кај развиените економии достигнуваат 468 трансакции што е 10 отсто зголемување, а кај економиите во развој се 291 што претставува зголемување од 18 отсто, информира Ангеловска-Бежоска.

Повеќе од 100 централни банки во светот, дополни, ја анализираат потребата за издавање нивна дигитална валута, вклучително и Народната банка, а четири централни банки веќе имаат издадена своја дигитална валута.

-Дигиталните валути се очекува да ја подобрат ефикансоста на плаќањето и финансиската вклученост во економијата, подвлече гувернерката.

На работилницата „Дигитализација на финансиските услуги и нивна примена во банкарскиот сектор“, беше предочено и дека е клучно, при користењето на електронските банкарски услуги, да се обезбеди максимална заштита на клинетите.

Во овој контекст и во врска со кибер нападите, Ангеловска-Бежоска укажа дека еден од пориритетите треба да биде имплемнентирањето на европскиот закон за дигитална оперативна отпорност и на среднорочната стратегија за финансика едукација и инклузија, која би резултирала, како што напомена, со поголеми познавања и проценка на ризиците од страна на граѓаните и компаниите.

Според  Киро Чадиковски, директор на Дирекцијата за банкарски картички и платежни сметки во Комерцијална банка АД Скопје, кој се осврна на придобивките од дигитализацијата на финансиските услуги, мора да се посвети големо внимание на едукацијата, посебно на граѓаните.

-Дигиталните услуги ќе се зголемуваат, но корисниците треба да бидат дигитално писмени. Често некои од нив и воопшто не знаат какви се можности им нудат банките. Кај нас, на пример, 15 отсто од граѓаните ја вадат цела плата веднаш од банкоматите, а пензионерите веднаш што добијат пензија ги „напаѓаат“ шалтерите, рече Чадиковски, според кој, работата е во навиките, односно во прифаќањето на бенефитите од технологијата и новите алатки.

На работилницата беше истакнато и дека се очекува се поголема примена на вештачката интелигенција во банкарските услуги.