Во денот кога ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги релативизира зборовите на германскиот канцелар Олаф Шолц на прес-конференцијата со Димитар Ковачевски, наведувајќи погрешен превод, во целосен мрак остана посетата на партиската делегација на чело со претседателот Христијан Мицкоски на Брисел. Со него таму беа и двајца потпретседатели, Александар Николоски и Тимчо Муцунски.
Освен двете изјави на Мицкоски за телевизија Алфа и фотографиите од средбата со Манфред Вебер, претседателот на нивното партиско семејство, Европската народна партија, нема никакви други детали за средбите во Брисел.
Во најавата за посетата на Брисел партијата пишуваше дека Мицкоски на 26 јуни ќе се сретне со Симон Морду, главен советник за надворешни работи на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел. Тој ден ќе имале работна вечера со австрискиот европратеник од ЕПП, Кристијан Сагарц, известувач во сенка за Македонија во Европскиот парламент.
Дека во вторникот делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе има работен доручек со Ангелина Ајхорст – директорка за Европа и Централна Азија во службата за надворешни работи на ЕУ, а потоа средба со Патрик Волер, директор за меѓународни односи на ЕПП. Подоцна вмровската делегација ќе оствари средба и со Манфред Вебер, претседател на ЕПП и претседател на парламентарната група на ЕПП во Европскиот парламент.
Во Европскиот парламент делегацијата ќе има средби и со потпретседателот на Европскиот парламент Рајнер Виланд, кој е исто така член на ЕПП и доаѓа од германската ЦДУ. По што ќе имаат средба со Дејвид Мекалистер, потпретседател на ЕПП и претседател на комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент. Последната средба требаше да биде со Марион Валсман, потпретседателка на Мешовитиот комитет Македонија-ЕУ, исто така член на германската ЦДУ и на ЕПП.
Ако ги исклучиме разговорите со Морду и Ајхорст (која неодамна беше во Скопје) сите други средби на Мицкоски и двајцата потпретседатели се со функционери и пратеници од Европската народна партија. Дали тоа било по негова желба, дали биле повикани од ЕПП да се разјасни нивниот став околу уставните измени, или пак не можеле да стигнат до повисоки функционери на Европската комисија не е јасно. Ниту пак ќе може да се дознае.
Што ѝ било кажано на вмровската тројка околу уставните измени не се знае. Нема никаков запис за нивните средби на веб-страниците во ЕУ. Ни на страницата на ЕПП нема запис дека се одржала средба меѓу Манфред Вебер и Христијан Мицкоски. А во официјалната подолга изјава од самитот на лидерите на ЕПП пред самитот на Европскиот совет, Македонија воопшто не се споменува. Иако Мицкоски по лидерската средба велеше дека ќе иницира во ЕУ уставните измени да важат откако ќе се ратификува договорот за прием на Македонија во членство, избори да има есенва, а тој презема обврска да разговара со неколку премиери нивните земји да излезат со декларации за признавање на македонскиот идентитет, култура и јазик и со тој документ да дојдат и да им покажат на македонските граѓани дека имаат чиста визија за нашето членство. Тоа го направи германскиот Бундестаг, но не по негово лобирање, а истото го најавува и Франција. Во двете земји владејачки партии не се од групацијата на ЕПП.
Во изјавата на телевизија Алфа по разговорите со Вебер Мицкоски не ги спомена уставните измени, туку дека „ВМРО-ДПМНЕ ги презентира своите позиции, аргументи и ставови поврзани со проблемот кој што го создаде владата на ДУИ подржана од СДСМ“. И дека бил изненаден што во Брисел слушнал оти претставниците на власта ја кодошеле опозицијата „и да барат од луѓето од Брисел да вршеле притисок врз ВМРО-ДПМНЕ, да прифати договор кој што ниту го преговарала, ниту учествувала во него, а предупредила дека нема намера да го прифати“. И уште дека „на средбите се зборуваше за двата предлози кои што ВМРО-ДПМНЕ ги стави на маса пред Димитар Ковачевски и за кои што до ден денеска нема одговор“.
Што рекле Вебер, Ајхорст, Мекалистер или Валсман не знаеме. Но знаеме што зборуваше Марион Валсман на состанокот на Мешовитиот комитет Македонија-ЕУ на 16 мај во Скопје, кога го оцени како чекор назад враќањето од границата на бугарскиот европратеник Андерј Ковачев. Таа тогаш рече:
„Северна Македонија покажа волја и има постигнато напредок околу овие прашања. Не мислам само на направените промени на Уставот, туку и на изјавата за немање територијални претензии кон соседите. Ние ги почитуваме и уважуваме овие напори. Живееме во време кога немаме друг избор освен да соработуваме за глобалните прашања. Добрососедство не се создава од нула. Треба да се гради чекор по чекор и да се покаже солидарност. Треба подготвеност да се носат непопуларни одлуки и тоа не е лесно, но сега само 53 отсто од граѓаните кај вас се за влез во ЕУ, а не толку одамна беа над 70 отсто. Ако не напредувате, трпението на граѓаните може да се истенчи и целиот процес да биде загрозен. Секој ден треба да работиме на подобрување на добрососедските односи за да ја постигнеме целта и треба некогаш да носиме емотивни одлуки, порача таа“, практично разидувајќи се со ВМРО-ДПМНЕ како политички сојузник и околу уставните измени.
Синоќа, додека Шолц и Ковачевски зборуваа на прес-конференцијата Христијан Мицкоски беше во Ѓорче Петров и таму зборуваше за „современиот патриотизам“. Според соопштенијата што ги дистрибуираше ВМРО-ДПМНЕ тој елаборира за „платени патриоти и лажни популисти“ кои работеле на целта „да ги разделат антивладините гласови, да ги разделат гласачите кои не се сложуваат со политиките на оваа влада, за да може коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да биде помала и утре да бидеме тие кои ќе прават компромиси при формирање на идната влада, а не сакаме да правиме компромиси“.
Зошто не ја спомена омилената тема за уставните измени и „бугарскиот диктат“ не е јасно. Можеби затоа што се фокусираше на „трите опции“ за следните избори или, пак тоа можеби има врска со разговорите во Брисел./nezavisen.mk