Италијаните се малку збунети. Повеќето од нив велат дека не сфаќаат што треба, а што не треба да прават и на социјалните мрежи се шегуваат на сметка на тоа во кои денови Италија е во црвена, а во кои во портокалова зона.
Владата на Италија вчера одлучи да се воведе карантин од 24 до 27 декември, од 31 декември до 3 јануари и на 5 и 6 јануари, со цел да се избегнат групирањата и ширењето на заразата.
Сега граѓаните на Италија велат дека мора да запишуваат на календар кој ден што смеат, а што не смеат да прават, кој ден и до колку работат маркетите, а кога не работат, кога смеат да се движат од една општина во друга…
Според најновите правила семејствата и пријателите смеат да се посетат само еднаш дневно и тоа само две лица со две деца помали од 14 години.
Карло Сињорели, професор од болницата „Сан Рафаела“ во Милано препорачува луѓето да се држат на дистанца кога седат на маса – секој да седи на еден и пол метар оддалеченост од другото лице бидејќи вирусот најмногу се шири при зборување и смеење.
Се препорачува луѓето да не се прегрнуваат, да не користат исти салфетки и постојано да користат иста чаша и тањири, а и да обратат внимание вилушките и ножевите да не доаѓаат во контакт со тањирите на другите гости и со својот прибор да не земаат храна од заедничките тањири за послужување.
Ако остане од храната, вирусологот препорачува храната повторно да се загрее на температура од 60 степени за да се убијат сите вируси и бактерии. Исто така се препорачува да не се дава сопствениот мобилен телефон на другите членови за да се честитаат празниците туку секој да си го користи сопствениот телефон.
Потребно е да се заборави на пеење бидејќи така најмногу се шири заразата преку капките. Секој мора да користи свој пешкир и на секој половина час да се проветруваат просториите.
При влегување гостите треба да ги соблечат чевлите и да им се дадат папучи кои после употребата ќе се фрлат.
Се советува децата да не им се приближуваат на возрасните бидејќи се преносители на вирусот, размената на подароците да бида брза и без никаков контакт и да нема здравици.
Италијаните кои ќе се најдат во црвената зона мора со себе да имаат сертификат со кој ќе го оправдаат излегувањето од домовите.