Што знаете за синкопата и што треба да знаете. Повеќето синкопи настануваат како резултат на намален проток на крв во мозокот.

д-р Маја Врчаковска, интернист-кардиолог

Синкопа е нагла, краткотрајна загуба на свест со загуба на контролата над телото по што следува комплетно враќање на свеста. Пациентот е неподвижен, обично има студени раце и нозе, слаб пулс и плитко дишење. Понекогаш може да биде проследено со слаби грчеви на мускулатурата кои наликуваат на епилептичен напад. Иако е невообичаено, кај повозрасни пациенти може да биде проследена со краткотрајна амнезија (загуба на помнење).

Пресинкопа е состојба кога пациентот има чувство дека ќе се онесвести, но свеста е одржана. Обично се класифицираат и дискутираат заедно со синкопата, затоа што имаат исти причинители. 

Епилептичните напади може да доведат до загуба на свест, но не се класична синкопа. Сепак, кај загуба на свест треба да се посомневаме и на епилептичен напад затоа што во некои случаи на епилепсија нема присуство на тонично-клонични грчеви на телото. Уште повеќе што и краткотраен епилептичен напад во траење помалку од 5 секунди понекогаш се јавува со комплетна загуба на свест.

Какви видови на синкопа постојат?

Рефлексна или неурогена синкопа е најчестиот тип. Механизмот на настанување го вклучува нервниот систем, кој ја забавува работата на срцето и ги шири крвните садови, што резултира со намален крвен притисок и неадекватно снабдување на мозокот со крв. Кај овој тип на синкопа претходат симптоми како гадење, облевање на топлина во телото, вртоглавица, гледање како низ тунел, светки пред очите, препотување. Овој тип на синкопа вклучува три поттипови:

Вазовагална синкопа – се јавува кога телото бурно реагира на некој тригер-фактор. Се јавува при емоционална напрегнатост како стресна ситуација, гледање крв, интензивна болка или при долго стоење заради спуштање на крвта во вените на нозете.

Ситуациона синкопа – при одредени активности како кашлање, кивање, дефекација, мокрење, голтање и сл.

Синкопа поради притисок на барорецепторите во артериите на вратот (стегната јака, промена на положба на вратот, бричење.

Кардиогена синкопа – загуба на свест заради срцево заболување. Кај кардиогена синкопа пациентите често имаат градна болка или палпитации (прескокнувања) на срцето пред загуба на свест, губат свест за време на физичка активност или во легната положба. Ризик-фактори за кардиогена синкопа се: возраст над 60 години, машки пол, постоечка срцева болест, генетски заболувања на срцето. Кардиогена синкопа се јавува поради:

Структурни заболувања на срцето како заболувања на срцевиот мускул, срцевите валвули или стеснување на крвните садови на срцето.

Аритмии – неправилна работа на срцето, срцебиење над 150/мин кога срцето нема доволно време да се наполни со крв во еден циклус или пак забавена работа на срцето, на пример намален пулс околу 30-35/минута.

Други состојби како белодробна емболија – згрутчување на крвта во крвните садови на белите дробови или аортна дисекција (расцепување на главниот крвен сад – аортата).

Ортостатска синкопа – се јавува поради пад на крвниот притисок во стоечка положба како резултат на гравитацијата. Во нормални услови мозокот успева да ја совлада гравитацијата, но кај овој тип на синкопа тоа не го постигнува.

Има многу различни причини за тоа како: дехидратација, проширени вени на нозете, недоволен внес на течности, дијареа, повраќање, загуба на крв, медикаменти за намалување на крвниот притисок, алкохол, пореметување на нервниот систем кај дијабетес, Паркинсонова болест, мултиплекс склероза.

профимедиа

Цереброваскуларна синкопа губиток на свест настанува поради проблем во крвните садови во или околу мозокот (мозочен удар, стеснување на артериите на мозокот, стеснување на каротидните артерии, мозочна аневризма итн). Овој тип на синкопа се јавува најчесто кај повозрасни пациенти, пациенти со атеросклероза, покачен крвен притисок и др.

За дијаностицирање на синкопа неопходен е лекарски преглед, кој започнува со земање податоци за медицинска историја. Лекарот ќе ве праша за сиптомите, што сте правеле пред да се јави синкопата, дали земате медикаменти и дали имате пропратни заболувања. Ќе ви направи физикален преглед, мерење крвен притисок и ќе ви посочи да направите дополнтелни испитувања како:

Електрокардограм (ЕКГ) – се мери електичната активност на срцето. Понекогаш може да ви биде препорачано да носите ЕКГ Холтер (апарат кој подолг временски период од 24 часа или повеќе ќе ја следи активноста на срцето).

Лабораториски анализи на крвта и урината (да се исклучи или потврди дијабетес, слабокрвност, срцеви ензими итн).

Ултразвучен преглед на срцето

Коронарен стрес тест доколку се сомнева во стеснување на крвните садови на срцето.

Tilt-table тест: Ќе бидете поставени на специјална табла. За време на тестот таблата ротира од легната во исправена положба додека се мерат крвиот притисок и пулсот. Тестот се прави при сомнеж за ортостатска синкопа.

Масажа на каротиден синус

Електрофизиолошка студија – поставување мала електрода преку вена во срцето со цел мерење на електричните импулси.

Специјални сликовни техники – компјутерско снимање или магнетна резонанца на мозокот и крвните садови во мозокот.

Прогнозата на пациентите со синкопа варира во зависност од причината. Пациентите со синкопа поради структурална болест на срцето или аритмии или блок на срцето имаат зголемен ризик од нагла срцева смрт. Синкопата поради ортостатска хипотензија (пад на крвниот притисок) е со зголемен ризик од повреда при пад (повреда на главата, скршеница на колк и сл.). Спротивно на ова младите пациенти со неврогена синкопа имаат одлична прогноза.

Што да направите во случај кога чувствувате дека ќе загубите свест?

Доколку ситуацијата дозволува легнете долу и кренете ги нозете над главата. Тоа ќе го зголеми крвниот притисок и ќе спречи повреда од паѓање.

Ако немате можност да легнете, седнете, спуштете ја главата помеѓу колената, со тоа ќе се зголеми протокот на крв во мозокот. Исто така можете и да ги прекрстите нозете потпрени на наслон.

Што да направите после синкопа?

Сите случаи на синкопа не се сериозни. Сепак, најдобро е да побарате лекарска помош и некој друг нека ве одвезе на лекар.

Доколку сте сведок на синкопа проверете дали личноста е повредена и дали дише. Доколку дише и не е повредена, легнете ја личноста и кренете ѝ ги нозете над телото. Доколку личноста е повредена и не дише, побарајте итна медицинска помош.

Во некои случаи пак синкопата е знак за сериозно заболување. Побарајте итна медицинска помош доколку синкопата се повторува, неопходни ви се неколку минути да се освестите, ако се повредите при пад, доколку сте бремена, имате дијабетес, срцево заболување, градна болка или неправилна работа на срцето или доколку загубите контрола на мокрење и дефекација.

Центар за внатрешни болести „Срце“

Ул. „3-та македонска бригада“ бр. 45/1-2, 1000 Скопје

Тел. 02/3217-016, моб. 071/319-208

(комерцијален текст)