На денот на инаугурацијата на новиот американски претседател, демократот Џо Бајден, земјите низ светот изразија претпазлива надеж во обновувањето на односите со Соединетите Американски Држави, давајќи им притоа приоритет на сопствените интереси, пренесуваат агенциите.
Кина се надева на „соработка корисна за двете страни“, кажа портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи во Пекинг.
Истакна, меѓутоа, дека Кина ќе ги штити сопствените интереси и националната безбедност и дека нема да дозволи САД да ја клеветат.
Идниот државен секретар на Бајден Ентони Блинкен кажа вчера дека односите со Кина ќе бидат главниот предизвик за Америка во претстојниот период.
Русија оцени дека подобрувањето на односите со САД зависи од „политичката волја“ на новиот американски претседател.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков кажа, зборувајќи за продолжувањето на договорот за намалување на нуклеарното оружје Нов СТАРТ: „Русија и нејзиниот претседател го поддржуваат зачувувањето на тој договор… Ако нашите американски колеги покажат политичка волја да се зачува тој договор и да се продолжи, тоа може само да се поздрави“.
Иран порача дека е генерално спремен да ги расчисти несогласувањата со САД. Но тоа зависи од Вашингтон, истакна иранскиот претседател Хасан Рохани.
„Сè што ќе направат ќе направиме и ние… ни помалку ни повеќе“, кажа тој.
Зборувајќи за нуклеарниот договор од 2015, Рохани кажа дека, ако Бајден мисли сериозно да ги исполни меѓународните обврски кон Иран, дека Техеран ќе го направи истото.
Претходниот претседател Доналд Трамп излезе од тој договор и еднострано му воведе санкции на Иран, по што Техеран престана да ги почитува техничките одредби од договорот.
Рохани кажа дека Иран ќе ги почитува своите обврски ако се почитува остатокот од договорот, што пред сè се однесува на санкциите. Ја отфрли можноста за какви било повторни преговори за договорот.
Британскиот премиер Борис Џонсон зборувајќи во парламентот кажа: „Се радувам на соработката со Џо Бајден и со неговата администрација, јакнејќи го партнерството меѓу нашите земји и работејќи на нашите заеднички приоритети: од борбата против климатските промени до заздравувањето од пандемијата и јакнењето на трансатлантската безбедност“.
Портпаролот на француската влада Габриел Атал оцени денес дека ветувањата на Бајден дека ќе ги врати САД во Светската здравствена организација (СЗО) и Парискиот договор за климата се „многу важни“ и порача дека Париз очекува заедно да одговорат на „големите предизвици“, меѓу кои е пандемијата на ковид-19.
„Со нетрпение очекуваме со претседателот Бајден да изградиме силни, корисни, обновени односи“, кажа.
Лидерите на европските институции истакнаа дека Европа има „нов пријател“ во Белата куќа и го поканија Бајден во посета на Брисел за да договорат „нов основен договор“ во областа на трансатлантските односи.
„Денешниот ден е повеќе од транзиција. Денес е шанса за обновување на нашите трансатлантски односи, кои поприлично патеа во изминатите четири години. За време на тие четири години светот стана посложен, понестабилен и понепредвидлив“, кажа претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на седница на Европскиот парламент за идните односи меѓу ЕУ и САД.
Истакна дека двете страни пред себе имаат пет приоритети: јакнење на мултилатералната соработка, борбата против пандемијата на ковид-19, климатските промени, економското заздравување кое вклучува дигитална трансформација и здружување на силите за безбедност и мир.
„Европа повторно има пријател во Белата куќа по четири долги години“, кажа претседателката на Европската комисија Урсула вон дер Лејен, нарекувајќи го доаѓањето на Бајден на функцијата „нова зора“ во САД и истакнувајќи дека ЕУ е спремна за нов почеток.
Германскиот претседател Франк Валтер Штајнмајер објави видео-порака во која порача: „Денес е добар ден за демократијата. Соединетите Држави се соочија со големи предизвици и издржаа. И покрај обидите да се разурне американската институционална машина, изборните функционери и гувернерите, правосудството и Конгресот се покажаа како силни. Ми олесна со тоа што Бајден денес стана претседател и се сели во Белата куќа. Знам дека многумина во Германија го делат тоа чувство“.
Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави: „Победата на Бајден е победа на демократијата над ултрадесницата и нејзините три методи: масовна измама, национални поделби и напад, дури и насилен, врз демократските институции… Пред пет години мислевме дека Трамп е лош виц, но пет години подоцна сфативме дека тој ја загрозува најмоќната светска демократија“.