Дојче Веле
Протестите на земјоделците, кои веќе предизвикаа политички турбуленции во другите европски земји, стигнаа и до Германија. Со своите акции, кои траеја една недела, германските земјоделци протестираат против планираното укинување на субвенцијата за дизел гориво.
Колони од илјадници трактори и камиони во последните денови предизвикаа сообраќаен хаос и блокираа многу градови.
Протестите на земјоделците во Германија се само последните во долгата низа вакви демонстрации во Европската унија. Против што протестираат европските земјоделци и кој стои зад тие протести?
Протести низ Европа
Во Холандија во последниве години, слични протести повремено беа придружени со насилство и насочени прекршувања на приватната сфера на политичарите и доведоа до огромни блокади на економијата. Имаше протести против планираните мерки за намалување на емисиите на јаглерод диоксид, а во 2019 година од тие демонстрации се роди нова политичка партија: популистичката БББ.
Земјоделците излегоа на улиците и во Белгија, Шпанија и Франција за да го изразат своето незадоволство од планираните еколошки мерки и повисоките трошоци. Тој бран протести стигна и до Полска и другите источноевропски земји, каде главно демонстрираа против евтината пченица од Украина.
Јан Дуве ван дер Плег, агрономски социолог од Универзитетот Вагенинген во Холандија, гледа нешто заедничко во сите овие протести: целта е да се брани постоечката состојба. Според него, причината за протестите често е „правото да се задржат субвенциите што постојат со години и да се продолжи со користење фосилна енергија или пестициди“.
„Ова се јасни знаци на индустријализирано земјоделство“, истакнува научникот.
Бран штрајкови ја погоди Германија
Сепак, не можат сите протести на земјоделците ширум Европа да се сведат под ист покрив – во секоја земја причината беше нешто друго. Во Германија тоа се субвенции за дизелот, во Шпанија лошо снабдување со вода, а во Франција трошоците за наводнување и гориво, како и земјоделската политика на ЕУ.
Цените на ѓубривата и горивата, по рускиот напад на Украина, значително пораснаа и им ставаат голем товар на селаните и покрај поскапувањето на храната во европските продавници.
Ан-Катрин Мајстер, потпретседател на Германското здружение за рурална младина, за ДВ вели дека земјоделските приноси едноставно не можат да бидат во чекор со зголемените трошоци: „Цените на машините, производите за заштита на растенијата и ѓубривата не се зголемија во иста мера како и приносите.“ Таа додава дека „сегашните предизвици и она што се случуваше во изминатите години беа едноставно премногу одеднаш“. Германските протести, се разбира, се фокусирани на гориво и машини, но тоа е само „последната капка“, вели Мајстер.
Истовремено, таа посочува дека земјоделците начелно не се против еколошките реформи, туку, вели, им е потребна поголема поддршка. „Земјоделецот е првиот што ќе биде негативно погоден ако флората и фауната се лоши“, вели Мајстер и додава дека еколошките мерки имаат своја цена, која потрошувачите исто така мора да бидат подготвени да ја платат.
За германската влада, исто така, постои загриженост дека протестите на земјоделците би можеле да бидат злоупотребени од десничарските екстремисти, како што предупреди сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер. И министерот за економија Роберт Хабек укажа на појавата на националистички симболи и „мечтаења за државен удар“ кои се шират на Интернет во врска со протестите.
Минатиот понеделник, многу трактори го истакнаа логото на Алтернатива за Германија (AfD), партија чии делови се сметаат за крајно десничарски, но која моментално добива 23 отсто од гласовите во анкетите на јавното мислење, што значи дека на федерални избори би го зазела второто место.
Јоаким Руквид, претседател на германскиот сојуз на фармери, вели дека неговата организација се оградува од екстремистите: „Не сакаме десничарски и други радикални групи со фантазии за државен удар на нашите демонстрации. Ние сме демократи“, истакнува Руквид.
Климатските цели во опасност?
Во Брисел со загриженост се следи незадоволството на земјоделците. Таму се плашат од амбициозните климатски цели кои дури во мандатот на оваа Европска комисија беа внесени во законодавството. Европската унија сака да ја постигне целта за „нето нула“ штетни емисии до 2050 година. На пример, употребата на хемиски пестициди во земјоделството треба да се намали за 50 проценти до 2030 година.
Изборите за Европскиот парламент се одржуваат во јуни, па многумина се прашуваат дали овие планови ќе останат во сила дури и ако таа институција на ЕУ сврти надесно. Марко Контиеро од бриселската канцеларија на еколошката организација „Гринпис“ за ДВ вели: „Конзервативните партии, исто како и повеќе десноориентирани партии, користеа или злоупотребија земјоделски теми во изборната кампања за да постигнат подобри изборни резултати“.
„Гринпис“ смета дека постојниот систем, кој ги принудува земјоделците на индустријализирани погони, е неупотреблив. Помеѓу 2005 и 2020 година, во Европската унија исчезнаа 5,3 милиони, главно мали земјоделски имоти, но во исто време површината што се користи за земјоделство остана непроменета, посочува Контиеро.
„Значи, една третина од земјоделските производители во ЕУ едноставно исчезнаа поради финансиски проблеми. Затоа е обична лага да се преправаме дека одбраната на постоечкиот систем значи и одбрана на селаните“, вели претставникот на Гринпис.
Долга историја на протести на селаните
Протестите на земјоделците имаат долга историја, потсетува агрономскиот социолог Јан Дуве ван дер Плег. Тој наведува дека во 20 век имало неколку бранови протести, вклучително и оние од раните седумдесетти, кога земјоделците од повеќе европски земји маршираа кон Брисел. Во протестите во 1971 година, полицијата дури и уби еден демонстрант.
Порано, по правило, протестите ги водеа помалите производители, но денес е поинаку, вели Ван дер Плег: „Агендата ја одредуваат многу големи земјоделски производители. Интересите што тие ги застапуваат се интереси на аграрната индустрија“.