Facebook статус на Никица Корубин

ко политиката е синоним за партократија, во сваќањето на нашите политички “елити” тогаш точката на обединување која ја пронајдоа во “анти-ДУИ мантрата” е логична битка за (пре)власт на јавниот дискурс: малку пропаганда, малку оградување, малку патриотизам, малку албанофобија.
Секој по својот дел од “немезисот” – македонската опозиција и албанската власт се обединија во проекцијата на сопствената слабост (ДУИ е виновен за се’ што е лошо), а всушност во функција на наративот на македонската власт, “две во едно” ефект: прикриена албанофобија за отворена (македонистичка) контрола врз партиите и јавноста. “Албанци и албанско” по мерка на Македонците.

И откога “откривме” дека опозициското делување делува “прочистувачки” по повикот и искуството на македонските партии, одговорот сам се наметнува: “ДУИ е виновен за се’ што е лошо во општеството”. За доброто се знае каде оди заслугата.

Оваа намерна симплифицирана варијанта, на креаторите на партократијата, и активни учесници во “заробеното општество”, за дефиниција на “злото”, инверзивно не’ води, по автоматизам до прашањето: кој е “гревот” на ДУИ во моменталната ситуација во која се наоѓа Северна Македонија, за да стане ваква “точка на (негативно) обединување”?
Ако се апстрахира нивното делување низ годините, кое на партократско ниво е комплеманторно со делувањето на било која македонска или албанска партија, тие постизборно, се единствената (парламентарна) партија која јасно, чисто и бескомпромисно, говори за стратешките приоритети на државата, членство во ЕУ и ги негува и штити стратешките меѓународни договори врз кои почива функционалноста на општеството, извесноста и стабилноста на државата, нејзината кредибилност и сериозност: Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија и Охридскиот рамковен договор.

Без рокови и изговори, без калкулации и прикриена албанофобија, без замена на тези. И ја одржува “во живот” главната тема: отпочнување на преговорите со ЕУ, преку промена на уставот и влез на Бугарите во него. Посочувајќи на вистинското и единствено можно национално единство за сите граѓани: демократија, функционално општество и подобар живот во ЕУ. Правејќи од неа, главна опозициска партија, според значењето на темите кои ги третира.
Оттаму, анблок, целосното компромитирање на политичката партија ДУИ, без конкретни забелешки, таа перфидна генерализација, создавајќи од нив “непријател сам по себе” од страна на други политички партии кои функционираат по идентична пароткратска матрица; го доведува во прашање мотивот/е. Површно, за проекција на сопствените слабости, а суштински за проекција на статус-кво состојбата врз општеството на неодредено време.

Дали “казната”за ДУИ е нивната гласност сега за стратешката ЕУ и НАТО ориентација на државата, или нивната улога до сега? За која е пародично било кој да даде забелешка, а особено оние кои директно внатре или надвор, зависеле од таа поддршка. “Културата на сеќавање” сепак не зависи од желбата тоа да се избрише.

Како и секогаш, перцепцијата е онолку битна, колку што е битен мотивот за создавање на истата. А, пак демантот уште полесен. Се ближи нова година, а последователно и рокот за уставните измени истекува. Реалноста и делувањето, во отсуство на јасна реторика и декларативност ќе го дадат одговорот, на главната енигма со која нашата “јавност”, здружена со партиско/партократскиот позициски/опозициски сојуз, претпразнично “ги забавува” граѓаните: што е полошо, ДУИ или неотпочнувањето на ефективните преговори со ЕУ?
За ДУИ сите се гласни, но зошто се толку тивки за клучната тема за сите граѓани, и перспективата и извесноста која ни се блокира: отпочнување на преговорите со ЕУ? А, кога се интересите на државата во прашање, небитни се партиските игри и преференци. Секој дефокус има рок на траење. Единствено што нема рок на траење е намерата и вистината за неа. Значи, уставни измени, кога?