Градежните компании, кои ги добиле тендерите мораат навремено, но и квалитетно да работат. Сите пропусти, кои ги имаат уведено надзорите на проектите ќе мора да се коригираат од страна на изведувачите, истакна штипскиот градоначалник, Иван Јорданов, кој заедно со надзорните органи на неколку штипски улици, кои се во градба изврши увид.
– Правиме вонредена контрола со надзорот, за да укажиме на сите изведувачи, кои ќе добијат идни зафати и градежни активности на територија на Општина Штип дека мора да се придржуваат на проектот и мора да се извршуваат на временска рамка, за извршување на градежните активности, рече Јорданов.
Надзорот утврдил дека на улицата „Панче Караѓозов“ се гради атмосферски канал, кој не е направен согласно проектот и во буквална смисла на зборот, како што вели Јорданов, е импровизација.
– Стеснет е опфатот, кој при поројни дождови може да предизвика излевање на атмосферската вода од каналот, практично е направена импровизација на самиот проект, при што морам да потенцирам дека доколку не биде коригиран, доколку не се придржува на тоа што ние како општина ќе го доставиме како наша реакција и опомена, налог дека треба да се направи проектот според стандардите, истиот изведувач може да биде ставен на црна листа и да добие негативна референца, забрана за учество на идни тендери на територија на Општина Штип, истакна Јорданов.
Што се однесува за улицата во населбата Осми Ноември, која ја поврзува со булеварот „Партизанска“ изведувачот ќе мора повторно да ја асфалтира, бидејќи според назорот направени се пропусти од страна на иведувачот. Сите повторени градежни зафати се на сметка на изведувачот.