– Бугарија треба без никакви условувања да се согласи да започнат преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ, вели Гудрун Штајнакер, долгогодишен германски дипломат и поранешна амбасадорка во Скопје и во Софија, во разговор за „Дојче веле“.
Таа смета дека споровите меѓу двете земји се трупале со векови и не можат лесно и брзо да се надминат.
– На мислење сум дека Бугарија треба без никакви условувања да се согласи да започнат преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ. Затоа што во моментов зборуваме само за почеток на преговори, а не за влез на Северна Македонија во ЕУ. Добро ни е познато дека таквите преговори можат да траат со години. Во оваа смисла немам многу разбирање за блокадата што ја наметна Бугарија, подвлекува Штајнакер.
Според неа, двете страни имаат различни ставови за многу прашања: малцинствата, јазикот, културата и, пред сè, историјата и вели дека овие спорови се реални и го трупале својот потенцијал низ текот на целата нова историја.
– За Бугарија тие се вкоренети во 19 век, во случајот со Северна Македонија датираат од пред 80 години, бидејќи пред тоа оваа земја не постоеше, вели Штајнакер.