Шпанскиот Суд на ревизори ќе побара над 1,9 милиони евра од поранешниот каталонски лидер Карлес Пуџдемон за промовирањето на неговите сепаратистички идеи во странство сп буџетски средства, објави весникот „Ел Паис“.
Според весникот, Судот на ревизори го пресметал износот на буџетски средства што нелегелано биле потрошени за промовирање на идеите на поддржувачите на независноста на автономниот регион во странство и за барањето меѓународна поддршка. Околу 1,9 милиони евра ќе бидат побарани и од поранешниот каталонски вицепремиер Ориол Кункерас, кој беше осуден за референдумот за независност во 2017 година и помилуван минатата недела од шпанската Влада.
Дури 39 имиња на поранешни функционери и службеници од каталонската администрација, се вклучени на списокот од кои националниот Суд на ревизори ќе бара отштета. Судот за ревизија инсистира во буџетот да се вратат вкупно 5,4 милиони евра, што регионалните власти ги потрошиле во периодот 2011-2017 година за да го промовираат нивниот проект за референдум за независност на Каталонија од Шпанија.
Пуџдемон во моментов живее во Белгија, каде избега од шпанската правда непосредно по референдумот за независност на Каталонија. Властите во Шпанија се обидуваат да го екстрадираат.