Шпанија не се согласува со одлуката на Европската Унија да ја прекине развојната помош за Палестинците по нападот на Хамас врз Израел.

Во соопштението на шпанското Министерство за надворешни работи се наведува дека шефот на дипломатијата Хозе Мануел Албарес го известил европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји дека Мадрид не се согласува со таквата одлука.

Албарес побарал и за суспензијата на помошта за Палестинците да се разговара на утрешната средба на европските министри за надворешни работи.

Претходно, Вархеји на социјалната мрежа Икс (Х) објави дека ЕУ денеска ја запре развојната помош за Палестинците.

Сите плаќања веднаш се суспендирани. Сите проекти се ставени на разгледување. Сите нови буџетски предлози, вклучително и за 2023 година се одложени до понатамошна одлука. Сеопфатна процена на целото портфолио, напиша Вархеји на Икс.