Шпанија започна да ја дава втората доза вакцина против коронавирус и тоа на приоритетни лица кои првата доза од вакцината ја примиле во декември, пренесуваат денеска локалните медиуми.
Жена на возраст од 85 години, која живее во дом за стари лица, е една од првите кои ја доби втората доза од вакцината. Таа била меѓу првите граѓани кои првата доза ја примила на 17 декември.
Телевизијата TVE јавува дека денеска вакцинацијата од втората доза е започната во шест шпански региони, а утре ќе биде продолжена во целата земја.
Првата доза од вакцината на „Фајзер-БиоНТек“ и „Модерна“ во Шпанија ја примија 768.950 лица. Употребени биле две третини од пристигнатите дози, наведува Министерството за здравство.
Шпанските власти засега ја исклучуваат можноста за воведување општ карантин во борба против епидемијата на Ковид-19. Некои подрачја се во карантин, а на сила се мерки како полициски час или скратено работно време на баровите и рестораните.