Западен Балкан за Германија е од стратешко значење и јас се залагам за неговиот прием во Европската Унија. Германија е сериозна со евроинтеграцијата на државите од регионот, а ова особено важи за С. Македонија. ЕУ кон С. Македонија има дадено ветување, а земјата ги исполни сите предуслови за почеток на пристапните преговори, рече германскиот канцелар Олаф Шолц на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски во Владата во Скопје.

Германскиот канцелар нагласи дека е воодушевен од политичката сила која, како што кажа, овозможи да дојде до договор со Грција. Затоа, како што рече, остатокот од задачата треба исто да ни успее и тоа е нешто за што граѓаните од Македонија и Владата работеа многу. Сега, нагласи Шолц, треба да ги вложиме сите наши напори.

Македонија, според него, ги исполни сите предуслови и нагласи оти лично ќе се заложи да се случи следниот чекор.

– Пристапните преговори треба да започнат и јас ќе се заложам за тоа. Ја охрабрувам С. Македонија да продолжи ангажирано по патот на реформите, рече Шолц.

Билатералните односи меѓу двете земји, како што оцени, не се само политички, туку и економски, разновидни и блиски. Тоа, како што кажа, е плус причина зошто Германија ја поддржува Македонија на својот пат на ЕУ.