Германскиот канцелар Олаф Шолц кој во средата вечерта пристигна во Атина, а чиј престој денеска започна со посетата на Акропол со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис оцени дека е неприфатливо Турција, како членка на НАТО, да го оспорува суверенитетот на Грција, којa е исто така членка на Aлијансата. „Не е прифатливо еден партнер на НАТО да го оспорува суверенитетот на друг партнер“, рече Шолц во интервју за грчкиот весник „Та неа“. Грција и Турција имаат тензични односи, особено поради разграничувањеto во источниот дел на Средоземното Море.

Во последниве години, тој спор повторно стана актуелен со обидите на Турција да ги истражи наоѓалиштата на нафта во тој дел од Медитеранот. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја обвини Грција, членка на Европската унија, дека ги „окупирала“ островите во Егејското Море чиј статус е решен со договори усвоени по Првата светска војна. Тензијата дополнително се зголеми за време на неформалниот европски самит во Прага на почетокот на октомври, кога Мицотакис ја напушти официјалната вечера за време на говорот на Ердоган. „Добрососедските односи меѓу Грција и Турција се важни не само за тие две земји туку и за цела Европа“, изјави германскиот канцелар пред средбата со Мицотакис.

Прикажи повеќе