Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изрази задоволство од соработката меѓу владите на Германија и Косово и повика на натамошен напредок во либерализацијата на визниот режим за Косово.
На заедничката прес-конференција по средбата со косовскиот премиер Албин Курти во Берлин, Шолц рече дека разговарале за многу теми и најави посета на Приштина, пренесе Газета експрес.
Германскиот канцелар изјави дека визната либерализација за Косово е многу важно прашање на кое, како што рече, постојано му се посветува.
„Сега мора да се постигне натамошен напредок во либерализацијата на визниот режим за Косово. Федералната влада го постави ова како цел во коалицискиот договор. За тоа истрајно и упорно се ангажирам во ЕУ, во разговори со партнерите“, рече Шолц.
Тој ја спомена и регионалната соработка, велејќи дека „Германија со години е ангажирана во регионот во рамките на Берлинскиот процес“ и дека очекува оваа година да потпише четири важни договори во рамките на Берлинскиот процес, вклучително и создавање заеднички регионален пазар, слободно движење на луѓе и признавање на стручните дипломи.
По средбата, Курти рече дека Косово го поддржува Берлинскиот процес и заедничкиот регионален пазар во ЕУ, но не и другите паралелни иницијативи, како што е Отворен Балкан.
Според Еуроњуз Албанија, Курти го повторил своето барање за признавање на Косово од страна на пет земји-членки на ЕУ кои се уште не го признале, како и за визна либерализација за Косово.