Германскиот канцелар Олаф Шолц пред Бундестагот изјави дека не е изненаден што самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел за малку ќе бил откажан поради одбивањето на лидерите на Северна Македонија, Албанија и Србија да одат на него. Шолц пред парламентарците рече дека по толку неостварени ветувања за овие земји, не е изненадување што се случуваат такви работи, пренесува Дојче Веле.
„За малку немаше да се одржи утрешниот самит ЕУ-Западен Балкан. И искрен да бидам, тоа не треба никого да изненадува“, рече Шолц.
„Кога ќе разбудите очекувања, кога ќе им кажете дека патот кон ЕУ се исплаќа, кога ќе се преземат напори, и ќе се ризикуваат политички конфликти во сопствената земја, една земја- Северна Македонија дури го смени и името за да го реши спорот со Грција, и сето тоа ништо не помага и ништо не се придвижува, тогаш е сосема разбирливa вознемиреноста која ја чувствуваат политичките раководства и граѓаните и граѓанките на овие земји.”