Морските плодови какви што се шкампите, можат да ѝ дадат софистициран изглед на секоја трпеза, без разлика дали има повод или не. Богати со минерали и витамини, тие се корисни за здравјето.

Шкампите се вид десетокрак рак, а има многу видови што живеат во слатки и во солени води. Исто како другите морски плодови, тие се корисни производи и здрави во кое било време од годината, но најмногу се јадат во лето.

Шкампите се популарен деликатес во кулинарството и денес има разни фарми каде што се размножуваат. Што се однесува до нутриционистичките вредности тие се богати со протеини, калциум и цинк.

Не одмрзнувајте ги во микробранова печка

Прво и најважно е да направите добар избор, ако подготвувате вечера со морски плодови. Има разни видови шкампи, па секој може да избере според потребата и можностите. Најважно е да ги купувате свежи. Старите шкампи се препознаваат по тоа што месото им е жолтеникаво. За готвење многу важно е да ги исчистите, без разлика дали се мали или големи.

Прво треба да ги исчистите од обвивката. Но, пред самото чистење треба да ги потопите во вода со мраз да отстојат. Додека ги чистите, тие треба да бидат изладени. Ако сте купиле замрзнати шкампи, тогаш прво одмрзнете ги во ладна вода, никако во микробранова печка или во рерна. Процесот на чистење почнува така што прво се отстранува главата, па потоа со една рака се фаќа телото, а со друга главата, па со лесно вртење се одвојува главата, која се фрла. Потоа се отстрануваат нозете и лушпата. Обично задната лушпа, која се наоѓа на опашката, се остава. Следно е отстранување на лигавата жила што се наоѓа на грбот. Таа се отстранува така што се прави мал рез по должината на телото. Жилата обично има темнокафеава или црна боја, а може да биде проѕирна или жолто-зелена. Дури да не се гледа, со врвот од ножот можете лесно да ја најдете и да ја откинете.

Варете ги кратко

Шкампите добро измијте ги и готови се за готвење. Можат да се јадат варени, печени, пржени во тава, на скара, како предјадење или главно јадење. Одлични се и за салати.
Ако сакате да ги варите, доволно е да ги ставите три минути во посолена врела вода. Но ова зависи и од големината на шкампите, кои ако се поголеми, ќе им треба малку повеќе време да се сварат. Можете да додадете какви било други зачини во зависност од тоа каков рецепт подготвувате. По варењето, брзо исцедете ги и веднаш спуштете ги во ледена вода за да сопре процесот на варење. На овој начин ќе ги сочувате вкусовите и квалитетот на шкампите, а тие ќе бидат вкусни. Откако ќе се изладат, исцедете ги и ставете ги на кујнска хартија да се исцеди вишокот течност. Ако не ги јадете веднаш, чувајте ги во фрижидер во херметички затворен сад, неколку денови.

Како правилно се јадат

Во рестораните најчесто шкампите се служат зготвени со глава и лушпа, па прашањето кое секој си го поставува е дали е некултурно во ресторан да се јадат шкампите со раце. Одговорот е не. Кога ги јадете шкампите, треба да ги излупите, а тоа се прави со користење два прста од секоја рака – палец и показалец, не со цела рака. Се лупат лесно – прво откинете ги нозете, па потоа лушпата од која лесно ќе го извадите телото. Сепак, имајте на ум дека месото лесно се вади ако се добро сварени и свежи. Ако при отстранување на лушпата остане месото залепено за неа, тоа е знак дека не се добро зготвени или не се свежи. По вадењето на лушпата, се отстранува главата и опашката и тоа е сѐ. На крај рацете измијте ги во чинија со вода во која има додадено лимонов сок или со посебни влажни марамчиња натопени со сок од лимон.