Дел од новонабавената механизација во градските јавни претпријатија денеска беше претставена на паркингот пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“, која, како што рече Шилегов, покажува дека градските јавни пари се трошат за вистинските приоритети и за вистинските потреби на градот Скопје.
– Скопје има потреба за поефикасен сообраќај, за поефикасна комунална хигиена и има потреба за уредување на новото зеленило. Токму заради тоа, наши приоритети во изминатиот период, но и периодот што претстои, ќе биде подобрување на инфраструктурата и со тоа подобрување на условите за работа и подобрување на услугите кои ги даваат јавните претпријатија, изјави Шилегов.
Завршена е, нагласи Шилегов, и набавката за нови комбиња во ЈСП Скопје и во ЈП Лајка, со што за еден мандат се набавени над 150 нови комунални возила.
-ЈСП Скопје е побогато за 33 нови МАН автобуси и десет нови комбиња кои пристигнуваат за две недели. ЈП Комунална хигиена набави 51 ново возило, меѓу кои 21 ново комунално возило за собирање смет, нови автоцистерни и метларки. ЈП Водовод и канализација набави 21 возило, меѓу кои две цистерни под притисок и две за вакуум, нови две теренски возила и 11 товарни возила и градежни машини. ЈП Улици и патишта набави над 14 нови возила, ЈП Паркови и зеленило набави седум нови возила. ЈП Градски паркинг има пет нови возила „пајаци“ за подигање неправилно паркирани возила и една нова машина за чистење на снег. ЈП Дрисла ја вративме во Скопје и финансиски ја консолидиравме, меѓутоа успеавме и да набавиме нови теренски возила. Она што е нешто најдобро во комуналните возила, е новата противпожарна скала. Прво вакво возило и опрема на територија на цела држава, меѓутоа и прво возило што градот го има купено со свои средства, изјави скопскиот градоначалник.
Одговарајќи на новинарско прашање, Шилегов рече дека не е приоритет на градот и градската управа градоначалникот да купува службено возило за своите потреби и дека тој се вози со возило старо десет години.
– Приоритет на градот е да ги трошиме јавните пари, токму за ова, за комуналната инфраструктура на нашиот град, додаде Шилегов.
Во периодот што следува, како што рече, ќе се фокусираме на зголемување на набавките во ЈП Паркови и зеленило и во ЈП Улици и патишта, со цел да се зголеми квалитетот на услугите на тие јавни претпријатија.