Една од темите на дебатата која вчера се одвиваше помеѓу 6-те најсериозни кандидати за градоначалници на Скопје, на емисијата 360 степени, една од темите беше и урбаната мобилност.
Според Шилегов, Скопје за жал, досега немал организиран урбан систем на транспорт на луѓе. Тоа е нешто што после 40 години со добро планирање, добра стратегија и напорна работа успеавме и тоа е нешто што е пред имплементација. Обезбедена е финансиска конструкција, а ЕБРД овој проект за Бас Рапид Транзит системот го има прогласено за најзелен проект што го има финансирано во рамките на урбан транспорт за последниве 25 години.
Она што 40 години во овој град само се зборуваше, вели Шилегов, тоа сега е доведено до стапка на тендер. Урбаната мобилност не подразбира само БРТ, урбаната мобилност подразбира и непречено движење на секаков вид сообраќај.
„Создадовме 110 километри велосипедски патеки, обзнанивме на јавноста дека веќе се работи тунелот којшто поминува под ’Лимак‘ и го спојува делот на Кисела Вода со Карпош. Мостот на булеварот ’АСНОМ‘ е во завршна фаза, таму веќе се рушат објектите за завршените експропријации, во јули ќе биде завршен и булеварот, а во меѓувреме по секундарната мрежа ќе се движат граѓаните и така, го заобиколуваме градот од двете страни. Внатре се вметнува БРТ, во средина, од Лисиче до Ѓорче Петров и ќе поминува низ плоштад, со што ја создаваме можноста Скопје да ја добие најголемата пешачка зона во Европа – од Старата железничка станица до Бит Пазар, од Собранието на РСМ до ’Палома Бјанка‘. Тоа е концепт, тоа е план, тоа е развој, тоа е нешто што не можете да го сработите или да кажете ’јас вака ќе го решам‘.
Зголемувањето на бројот на автобусите не е систем за превоз на патници, едноставно тоа не функционира така. Треба малку повеќе знаење да се има, отколку да кажеш ’ќе пуштам повеќе автобуси‘“, изјави Шилегов.
Брзите сообраќајни решенија за пробивање на нови коридори се едноставно невозможни, додава Шилегов и секое такво дадено ветување ќе го валоризираат граѓаните. Во моментов, Град Скопје работи на булеварот „Борис Трајковски“, завршена е постапката, тоа е нешто што се одвива и граѓаните, особено од населбите Драчево и Батинци, од тој дел на градот, можат секако да го видат.
Завршена е тендерската постапка за изградба на булеварот „Словенија“, со што се влегува во реализација и тоа е дел кој Шилегов го зборуваше минатата кампања – изработката на секундарниот северен прстен.
„’Босна и Херцеговина‘ е споен булевар со ’Словенија‘, на ’Христијан Тодоровски Карпош‘ излезот е направен. За булеварот ’Хрватска‘ е завршено проектирањето, во моментов во тек се постапките за отстранување на електричните инсталации, кои таму изнесуваат преку 7 милиони евра, имајќи ги предвид далноводите кои таму ги имаат и МЕПСО и ЕЛЕМ и по нивното завршување, ќе можеме да влеземе во имплементација на тој булевар. Таму има 4 објекти на коридорот, кои ќе се експроприраат и да не заборавам дека во моментов се работи на ’Момин Поток‘, една од најважните клучки. Дегутантно е да се зборува за работи кои градот веќе ги работи и да се претставуваат како проекти“, заврши Шилегов.