Градот Скопје и ЈП „Комунална хигиена“ денеска ставија во употреба 10 нови машини за метење на јавните и на сообраќајните површини. Новите машини кои ги набави ЈП „Комунална хигиена“ ќе бидат распоредени во сите скопски општини.
– Денеска ги промовираме првите 10 од вкупно 47 комунални возила што ќе бидат набавени оваа година. Станува збор за 10 метлачки за одржување на хигиената на јавните површини – сообраќајници, велосипедски патеки и тротоари. Вистински ги трошиме градските пари, за потребите на градот и за потребите на граѓаните. Знаете дека во 2019 година почнавме со нов концепт за третман на комуналниот отпад, тогаш беше набавена сериозна механизација, ова денеска е втора фаза, а во третата фаза пролетва ќе пристигнат преостанатите 37 возила, изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.
Тој ги повика граѓаните да бидат дел од овој процес со тоа што комуналниот и џебниот отпад ќе ги третираат како лична одговорност, зашто Скопје како што вели е нашиот дом.
На денешната промоција на новите метлачки присуствуваше и директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани кој рече дека врвен приоритет на јавното претпријатие е да се заштити јавното здравје преку одржување на јавната хигиена во градот, на највиското можно ниво.
– Овие 10 машини се дел од планираното големо обновување на возниот парк на нашето претпријатие. Ни претстои набавка на уште 37 нови специјални комунални возила – автоцистерни, самоподигнувачи, кипери и возила за собирање и транспорт на комуналниот отпад, што очекуваме во голема мера да придонесат за поефикасно и поквалитетно извршување на активностите на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – најави Шабани.